Марјан Бонев, планински тркач
Марјан Бонев в недела ќе ја трча дистанцата од 23 километри на планинската трка „Водно – Матка планински маратон“, која е во организација на здружението ТРЕКС
Марјан Бонев е уживател во планинско трчање и во авантуристичките спортови, ја има освоено титулата државен шампион во планинско трчање за 2015 година, има учествувано во многу планински трки, а следна во неговата тркачка агенда е „Водно – Матка планински маратон“, која се одржува в недела, во организација на здружението за планинско трчање, експедиции, алпинизам и адреналински активности во планина – ТРЕКС, на која тој ќе ја трча дистанцата од 23 километри со 1.400 метри висинско искачување.
Вашата архива е богата кога станува збор за трки во планинско трчање. Издвојте ни неколку подвизи што ви се драги и на кои сте горд?
– Ја имам завршено секоја трка што сум ја започнал макар сум залутал и истрчал десетици километри повеќе или малку сум се повредил, но се немам откажано, имам продолжено со полесно темпо и со поголемо уживање во пределот наоколу. Неколку победи, повеќе подиуми како на чисто планински трки, така и на планински трки со препреки (ОЦР-трки, присутни во Европа и во САД, многу ретки на Балканот). А веројатно најдрага ми е титулата државен шампион во планинско трчање за 2015 година имајќи ја предвид конкуренцијата во таа година, личната подготвеност и голем број други постигнувања што ги остварив во истата година. Минатогодишното искачување на највисокиот врв во Европа (Елбрус 5.642 м) како финиш на една престижна трка, иако незадоволството од постигнатиот резултат ја става на листата на желби за во блиска иднина.
Како планинското трчање се најде на вашето дневно мени за трошење енергија и за полнење батерии?
– Колку и да го сакам и уживам во планинското трчање сепак во последниве 2,5 години не е баш на моето дневно мени, особено во зимскиот период трчам и трошам енергија претежно на рамна земјена, тревна, асфалтна површина, а ридските тренинзи ги правам на лента во вежбалница. Може да звучи апсурдно, но сепак се сметам за практичен кога станува збор за квалитетни тренинзи и онаа базна зимска подготовка, па соодветно средината во која моментално живеам (Франкфурт) и краткиот ден во зимa не се баш комбинација за да ја посетам макар и најблиската планина, која ми е на 20 километри оддалеченост. Но затоа, пак, во пролет, лето и есен, уживам да се тркам во природа, да трчам на Водно и на Шара особено кога повеќе недели поминувам во Македонија.
Кој е повратниот ефект што го добивате по трчање?
– Најголемиот број лесни аеробни трчања, а соодветно и најголемиот број трчања во овој период ги правам во најблискиот парк и покрај реката Мајна. Неколку бизнис-идеи и начини за подобрување на стилот на живот ми имаат дојдено токму во моментите кога сам трчам во природа, парк, кога на неколкуте варијации од патеки особено во зимскиов период сме само јас, еден куп патки, диви зајаци и уште понекој трчач, евентуално група нордиски пешаци.
А кога ќе се заситам од идеи, трчачка медитација и анализирање на чекорот и дишењето, тогаш почнувам да слушам аудиокниги, емисии за трчање, исхрана, биомеханика итн. Па комотно можам да кажам дека имам завршено и втор факултет од стотици часови ислушани аудиокниги и ислушани емисии од квалитетни подкасти на споменатите теми.
Какви техники користите, како се подготвувате? Кои здрави навики ги практикувате кога станува збор за исхраната?
– Во однос на самиот тренинг трчање, главно имам 4 типа тренинзи: лесно трчање, кое трае до 1 час, долго трчање, кое е над 2 часа, темпо трчање што е брзо трчање за брзинска издржливост па цел тренинг е 70-90 минути, и ридски повторувања што ги правам на трка со 5 отсто косина, кои може да бидат кратки експлозивни интервали или, пак, подолги интервали во висока аеробна зона.
Потоа е тренингот за снага и цврстина, најчесто двапати во седмицата правам вежби за трупот (стомачни, меѓуребрени, долни грбни мускули) како и за нозете (адуктори, абдуктори, задна ложа, квадрицепси). Крос-тренингот е исто важен за да се олабавите малку од трчањето, па пливам еднаш до двапати седмично и зависно од расположението и обврските возам велосипед како тренинг, транспортно средство, а и начин да си го финансирам трчањето. Најчесто две јога-сесии во траење од 30 до 40 минути, специфична јога за трчачи, односно јога преку чии пози се цели на истегнување на мускулите и сврзните ткива што се најангажирани со трчањето. Околу исхраната како важен фактор за изведување добри тренинзи, а и брзо закрепнување јадам претежно здрава храна, која сам ја приготвувам, свежо суво и јаткасто овошје, доволно зеленчук и салата, никако прженици, малку месо, ептен ретко млеко, секој ден јогурт со пробиотски култури што сам го правам, сакам едноставни варива, манџи што не се приготвуваат со саати.
Што повеќе задава мака, искачувањето или спуштањето?
– Физички нормално повеќе исцрпува искачувањето, додека несомнено ментално потешко е спуштањето. Во планинското трчање особено надолу сѐ се одвива толку брзо што еден погрешен чекор и завршувате со излизгување и неколку гребаници, а не дај боже со виткање нога или, пак, може да забегате во некоја пострмна провалија зависно од патеката и следуваат посериозни повреди. Значи како и многу спортови во планина спуштањето бара ментална подготвеност, чист ум и голем фокус. Гравитацијата колку и да е на наша страна сепак треба да управуваме во кој правец ќе се тркаламе.
Кон кои врвови тежнеете? Кои предизвици чекаат на ред да бидат реализирани од вашата листа на желби?
– Како и дел од светските тркачи на кои им се восхитувам меѓу кои Макс Кинг, Сеиџ Канадеј, Џонатан Албон, кои се тркачи од светски калибар, сите феноменални во скоро сите типови трчање, од кратки треил, роуд маратон, ултра, скајранинг, ОЦР или трки со пречки, така и јас верувам во комплетна физичка и ментална подготвеност и отпорност со кои би можел во краток период да прифатам и одговорам на разновидни предизвици, да решам и за неколку месеци да истрчам маратон, да истрчам 100 километри, 100 милји или да поставам државен брзински рекорд во качување на оваа или онаа планина, врв. Значи тренинг-филозофија што може да се примени и адаптира во секој тип трчање, важна е базата. Сигурно е убаво е да се има една голема цел кон која би се стремеле и напорно би работеле со години за да стигнеме таму, но ако во целиот процес, во цел тој период од неколку години не уживаме во секој момент, не се тркаме на различни трки, кои ќе бидат показател на таа целосна подготвеност и потврда дали конкретниот тренинг функционира или треба да се промени нешто, тогаш попусто е таа големата, високата цел.
Колку сме во чекор со светот кога станува збор за планинското трчање?
– Фаќаме чекор, имаме неколку трки што се достојни за да се претставиме пред странците, но сѐ додека сите сме волонтери на тие трки и додека 200-300 денари е цената што очекуваме да ја платиме за учество на трка, а притоа прашувајќи што добиваме за тие пари никогаш нема да имаме сериозна планинска трка на која ќе имаме неколку стотици домашни и пар стотици странски учесници. Да, може да организираме ние гратис трчанки и тренинзи во природа, но масовна трка бара посветеност за да се организира квалитетно, а тоа некој треба да го цени, да го плати. Недостигаат лица што професионално ќе се занимаваат со организирање трки, ќе бидат платени за тоа, ќе има средства да се плати чистење и маркирање патека, дизајн на лого, веб-страница, промотивен материјал, интернет-промоција. Недостигаат спонзори што ќе го ценат искуството на одреден клуб, здружение за организација на трки, сериозно ќе ги сфатат организаторите во намерата да изградат бренд-трка, кои ќе ја помогнат трката реално ценејќи го местото на нивното лого во материјалите за трката, во пишаните статии, во спротивно нема потреба да се „валка“ банерот со логоа на спонзори.
На мапата на Македонија, каде има предиспозиции да се маркираат трки во планинско трчање? И дали сме плодна почва за еволуирање на овој спорт?
– Сегде каде што има планина, барем еден објект тврда градба и пристапен пат во близината на стартот на трката може во секакви услови преку целата година да се организираат трки. Дефинитивно, знаејќи го фактот колку планини имаме на оваа мала територија, треба работа.