Компанијата „Мајкрософт“ објави кога конечно ќе го испрати во пензија „Интернет експлорер“. Десктоп-апликацијата „Интернет експлорер 11“ ќе стане минато на 15 јуни идната година, на повеќето верзии на оперативниот систем Виндоус 10, но овој потег на „Мајкрософт“ нема да влијае на каналот за долгорочно сервисирање на Виндоус 10 што се користи за уреди како што се машините за магнетна резонанца, системите за контрола на летање и слично. Исто така, исклучок ќе биде десктоп-апликацијата „Сервер интернет експлорер 11“. Сепак, едно е сигурно, во повеќето случаи „Интернет експлорер“ ќе го доживее својот крај за нешто помалку од 13 месеци.
„Интернет експлорер“ е дел од Виндоус повеќе од четвртина век, но со доаѓањето на „Еџ“ во 2015 година, „Мајкрософт“ започна да го става во втор план. Поддршката за претходните верзии беше прекината во 2016 година, а „Мајкрософт 365“ и другите апликации нема да поддржуваат „Интернет експлорер 11“ од 17 август.
„Мајкрософт“ ги повикува корисниците на „Интернет експлорер 11“ да се префрлат на „Еџ“ или друг прелистувач пред да ја прекинат поддршката во јуни следната година.
„Еџ“ има интегриран режим „Интернет експлорер“ за веб-страници за кои сè уште е потребен ИЕ. Многу организации сè уште користат стари апликации и има веб-страници што навистина не работат добро со современите прелистувачи, така што овој режим е корисен. Компанијата вети поддршка за режимот ИЕ на „Еџ“ до крајот на 2029 година, така што организациите и одделите за ИТ имаат уште неколку години да направат транзиција од старите интернет-апликации.