Со проектот „Шума за промени – Павилјон за глобални цели“ на архитектонското студио „Ес Девлин“, Велика Британија учествува на годинашното Биенале и ги поканува посетителите да ги откријат 17-те глобални цели за одржлив развој. Овој план е договорен од сите 193 земји-членки на Обединетите нации за ставање крај на сиромаштијата и нееднаквоста и поправање на климатските промени до 2030 година.
Додека посетителите шетаат низ „Шумата за промени“, нивното патување е проследено со звукот на птичја песна, водени од кураторот Брајан Ено и Одборот на британската библиотека, заедно со напишаните факти и цитати за глобалните цели што може да се откријат при посетата. Во срцето на шумата, во централната чистинка се наоѓа павилјон, кој се состои од седумнаесет огледални столбови, високи над два метра, а секој од нив ги претставува глобалните цели.
Со оваа инсталација, авторите на проектот сакаат да потенцираат зошто глобалните цели треба да се наоѓаат на светскиот список на задолжителни работи што треба да ги направат луѓето за планетата преку инспиративни цитати и факти за светот во кој живееме и решенијата што ни се потребни. Последниот седумнаесетти столб ќе биде интерактивен, па, така, посетителите ќе бидат поканети да скенираат бар-код, кој ќе ги замоли да ја изберат целта за која се чувствуваат најстрасни и да запишат кратка порака во која се изразува промената што сакаат да ја видат во светот.