Трговската компанија за спортска опрема „Декатлон“ придонесува во борбата против коронавирусот со испраќање импровизирани вентилациски маски во болниците во северна Италија. Компанијата ја претвори својата линија на маски за нуркање во медицински вентилатори со помош на инженери од италијански истражувачки институт, кои за таа цел користеа 3Д-печатач.
Проектот беше поттикнат со барање од главниот лекар на болницата во Гардон, Вал Тромбина, во италијанскиот регион Ломбардија, еден од најтешко погодените региони од коронавирусот.
Кристиан Фракаси и Алесандро Ромаиоли, инженери во „Исиннова“, имаа идеја да направат вентилатори од опремата за нуркање на „Декатлон“ и за три часа создадоа прототип за 3Д-испечатен вентил што успешно ја претвори маската за нуркање во вентилатор. Двојката потоа го објави процесот на конвертирање на маските на Интернет, создавајќи видео со детали, за да можат и другите болници со пристап до 3Д-печатач сами да направат таква маска.
Во тешки случаи на ковид-19, белите дробови на пациентот стануваат воспалени и исполнети со течност, што им го отежнува дишењето. Во овие случаи вентилаторот може да значи живот или смрт.