Имаме нови ликови, кои ќе ја збогатат новата сезона, велат од екипата на популарната емисија „Фчерашни новости“
Новата, четврта сезона на „Фчерашни новости“ почна во неделата на телевизијата Канал 5. Екипата што е секогаш чекор зад сите, се врати на малите екрани. Актуелни и полни со енергија и со ентузијазам, новата фреквенција ја доживуваат како можност за уште поголема гледаност.
Што очекувате од новата сезона?
– Оваа четвртата сезона публиката ќе може да нѐ следи на телевизијата Канал 5, секоја недела, со почеток во 19.30 часот. Се надеваме дека во оваа сезона ќе освоиме нови врвови и дека ќе нѐ гледаат уште повеќе луѓе отколку досега.
Кои се новостите што ќе им ги понудите на гледачите?
– Она што со сигурност можеме да го потврдиме е дека екипата ќе се збогати со нови ликови. Планираме и нови содржини, како што е пародија на реално шоу, нешто слично, а различно со Болничкиот срвајвр што го правевме во претходната сезона. Нема да откриваме многу, за да не го расипеме изненадувањето.
Планирате ли да снимите нови песни?
– Досега ги понудивме „Хелоу Аљи“, „Депресито“, „Крисмас сонг“, „Македонијо каде си“, „Малери“, „Киснам во архив“, а некои од нив имаат и над еден милион прегледи на Јутјуб и на Фејсбук. Нормално дека планираме и преработки на други хитови, но сакаме да направиме и авторска песна, која се надеваме дека публиката ќе може да ја слушне во оваа четврта сезона.
По двата одржани кастинга летово, пронајдовте ли нови интересни ликови?
– Да, во летниот период двапати организиравме кастинг за нови ликови. Никако не можевме да завршиме со еден, имаше премногу заинтересирани кандидати. Мораме да признаеме дека многу од нив се покажаа во одлично светло, а ние во нив гледаме нови ликови, кои ќе ја збогатат новата сезона.
Како реагираат гледачите кога ќе ги сретнат омилените ликови од „Фчерашни“?
– Најчесто сакаат да се сликаат со нас и ни се обраќаат со имињата на ликовите што ги играме во „Фчерашни“ (Ведермен, Портпаролот, Јелисалфета, Ланчо, Турчинот…). Преубаво е чувството кога ќе нѐ прашаат кога почнуваме со нова сезона или дека едвај ја чекаат новата епизода. Ете, наскоро ќе се дружиме пак.
Велат дека екипата функционира како семејство, дали е навистина така?
– Премногу се сакаме и не можеме еден без друг. Ако еден не дојде, веднаш се забележува и сите прашуваме каде е. Секогаш има некој во нашите простории, зашто едноставно ни годи да го поминуваме денот таму. Реткост е во денешно време да се функционира онака како што функционираме ние.
Која е вашата порака до сите што ве гледаат?
– Им благодариме на обожавателите, на сегашните, но и на оние новите што допрва ќе нѐ засакаат. Тие ни даваат мотивација да продолжиме. Огромна благодарност и до оние што се „грижат“ секогаш да имаме материјал за работа, продолжете така. Ако сакате последни да дознаете што е ново, бидете на Канал 5, секоја недела во 19.30 часот.