Поради својата неверојатна сила и широкиот опсег на употреба, графенот се смета за материјал на иднината, потврдија европските истражувачи што работат на оваа тема веќе седум години. Во книгата, односно подеталниот водич за неговото производство, група од 70 научници на 500 страници се обиде да прикаже на кои начини графенот може да доведе до револуција речиси во секоја индустрија. Ова истражување е исто така еден од трите најголеми научни проекти финансирани од ЕУ, а во него се инвестирани повеќе од една милијарда евра.
Имено, станува збор за слој на графит, со дебелина на еден атом и должина од неколку микрометри. Поради исклучителните механички својства, големата густина, јачина и еластичност, како и електричната спроводливост и речиси целосната транспарентност, овој кристал може да се користи во производството на композитни материјали, електронски и логички кола, екрани на допир и соларни ќелии.
Графенот е истовремено најтенкиот и најсилниот познат материјал, кој е дури 200 пати посилен од челикот, подобар спроводник на електрична енергија и топлина од другите материјали, а сепак милион пати потенок од влакното на косата, поцврст од металот, пренесува „Еуроњус“.