Ирина Атанаскова, илустраторка
Ирина Атанаскова е уметница што својата креативна енергија ја троши на илустрација, тетоважа, мурали. Нејзините дела се обоени со емоции, необичност, силен колорит, чудесни карактери, доза апстракција, со печат на своевидност. Вели дека не е човек што многу зборува или што сака да се изразува вербално, па преку цртежот полесно ги пренесува своите чувства.
Создавате колоритни, живи ликови, полни со душа. Со кои зборови ги опишувате своите дела?
– Цртањето ме прави да се чувствувам подобро, а илустрирањето ведри книги или слични проекти дополнително само ми ја разгорува имагинацијата. Цртањето прави да се чувствувам слободно, па сакам таа ведрина и убава мисла да ги споделам со оној што го гледа тоа, надевајќи се дека ќе направам и некој друг да сочувствува. Сакам да користам многу бои и да цртам естетски допадливи работи, кои се убави за окото и прават да се чувствуваме поубаво.
Од каде доаг?аат вашите ликови и дали ве изненадуваат?
– Имам неколку лика што често ги користам во моите илустрации, но често знаат да се менуваат и надградуваат со текот на времето. Доколку некогаш, експериментирајќи со нови ликови, нацртам нешто ново што ми се допаѓа, пробувам да ја задржам таа идеја мисловно, а потоа да ја надградам во некои следни цртежи.
Омилен лик што сте го создале?
– Има едно многу обично маче, доста детски нацртано, кое сакам да го користам многу често во моите цртежи. Го чувствувам како животно што ми е емоционална поддршка во делото.
Што ве инспирира најсилно?
– Ме инспирираат секојдневните работи. Тоа што го преживувам секојдневно, моите чувства и она што го гледам, сакам да го забележам на одреден начин. Некои луѓе зборуваат, некои пишуваат – јас сакам да се искажам преку цртежот.
Илустриравте персонализирани книги/сликовници за деца. Беше ли тешко да се обликува личноста на детето во еден цртан лик, да се вметне во светот на бајките?
– Иако не беше мое прво искуство со илустрирање сликовници, работата со kidling.mk беше првпат да имам задача од таков тип, да илустрирам сликовница каде што секое дете може да биде главниот лик и ликот да се менува за да изгледа како детето. Самата идеја е многу креативна и интересна за детето што ќе ја чита. Направивме две многу интересни сликовници заедно со авторките Симона и Бонита, со кои се слушавме често низ процесот и заедно ги формиравме композициите според приказната.
Позната сте како одлична мајсторка за тетоважа. Која е заедничката нишка меѓу илустрацијата и тетоважата?
– За да се направи одредена тетоважа, претходно треба да се направи дизајн. Многу често моите дизајни ги правам на рака, со водени бои, а потоа ги копирам на кожата. Најмногу уживам кога на тој начин можам да ја поврзам уметноста од лист хартија до клиентот што ќе може да ја носи на себе.