Извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, откри дека можеби е заразен од ковид-19, а со тоа ги возобнови и неговите чудни објави на Твитер посветени на разни недокажани и апсурдни теории за коронавирусот, пишува „Блумберг“.
– Нешто навистина чудно се случува со вирусот. Направив четири тестови денес, од кои два се негативни, додека другите два се позитивни – објави вчера Маск на Твитер.
Познатиот милијардер открива дека направил два теста со брзи анализи на антигени, кои даваат резултати во рок од 15 минути и се поевтини, но помалку веродостојни од тестовите со верижна реакција. Тој сега го чека резултатот од вториот вид, за кој е потребно најмалку еден ден за резултатите.
Маск периодов патуваше со неговиот приватен авион во Германија и Шведска, а вели дека се чувствува добро и има само симптоми на обична настинка, дека не искусил ништо необично досега. Тој досега ги отфрлаше доказите за вирусот, а честопати ширеше и сомнеж во врска со виралноста на болеста и тврдеше дека стапките на смртност се преувеличени. Тој во март исто така „предвиде“ дека до април во САД нема да имаат нови случаи, додека реалноста е сосема поинаква, со рекордни 150.000 случаи на ден.
И покрај тоа што Маск е трет најбогат човек на светот, со богатство чија вредност се проценува на 108 милијарди долари, тој одбива да игра според правилата на индустријата и здравиот разум, пишуваат американските медиуми.
За изданието на магазинот „Венити Фер“ за декември годинава, новинарот се обиде да „влезе“ во светот на Маск, за да открие што е тоа што го прави овој брилијантен и ексцентричен извршен директор „најславниот негативец“ на Силиконската долина.
Контактиран за коментар пред објавувањето на статијата, тој најљубезно го извести репортерот дека „Венити Фер“ е „ужас“.
Според поранешните директори и соработници кои работеле со Маск, „денешниот Маск“ е истиот тој од минатото, само без филтер, откако, според нив, тој целосно престанал да се грижи што луѓето мислат за него.
Тие откриваат дека 2018 година била „година на тероророт“ за нив, кога Маск почнал да го чувствува притисокот од работата, па така тие секое утро го проверувале неговиот твитер-профил за да се подготват за претстојниот работен ден. Вработените, наводно, стравувале од неговите чудни испади како во стилот на главните ликови од „Доктор Џекил и мистер Хајд“.
Иронијата на сето тоа е што токму последните две години беа најисполнети со достигнувања за, наводно, проблематичниот извршен директор. На крајот, токму овие достигнувања се сè за што треба да се грижи пошироката јавност. Сè додека неговите компании ги праќаат луѓето во вселената или еден ден ќе го колонизираат Марс, зошто би требало да нè засега каква личност е Маск?