Во Македонскиот народен театар во Скопје вчера почна „Икс денс 2018“, меѓународен натпревар во кореографија. Според програмата, се одржа натпреварувачкиот дел, што почна во13 часот, а гала-концертот ќе се одржи вечерва во 19 ч. За наградата гран при се борат учесници од Русија, Италија, Велика Британија, Украина, Словенија, Казахстан и од Македонија.
– „Икс денс“ го слави танцот во сите форми, од класичен балет, современ танц до шоу денс, фолклор и народно-сценски танци. Публиката може да ужива во инвентивни кореографии, извонредни изведби и костими. На овој фестивал, кој станува еден од најреномираните во регионот, се натпреваруваат танчари од сите возрасни категории во различни танцови дисциплини – велат организаторите.
Најдобриот учесник според меѓународното жири ќе добие гран при, парична награда од 1.000 долари и оригинални охридски бисери од семејството Филеви.
Според најавите на организаторите, вечерва ќе се случи вистински танц-спектакл, гала-концерт со дел од најубавите настапи од претходниот ден. Влезниците за натпреварот и за ревијалниот концерт можат да се купат на билетарницата на МНТ по симболична цена од 100 денари.