Авантурист кој возел велосипед низ целиот свет и преживел пад од планина во Индија, почина откако го удрил автобус во близина на неговиот дом во северен Израел.
Роеј Садан, исто така познат по прекарот Џинџи, имаше 39 години. Од 2007 до 2011 година со велосипед минал низ 42 земји, на шест континенти.
Автобусот го удрил во близина на влез во кибуц, во средата во 14.30 часот по локално време, пишува Би-би-си. По несреќата тој бил пренесен во болница каде починал во петокот.
– Додека преминувам континенти, не сум сам. Ги посетувам израелските амбасади низ целиот свет, давам предавања во училиштата и му кажувам на светот за Израел… Некои ме нарекуваат „амбасадор на тркала“ – напиша Садан за „Јерусалем пост“ три години откако го започна своето патување низ светот.
Неговата рута започнала од северна Алјаска преку бреговите на Северна, Централна и Јужна Америка. Потоа со велосипед возел од крајниот југ на Африка до Етиопија, па потоа назад до Израел.
Следната турнеја му минуваше низ Европа, потоа Турција, Узбекистан и Таџикистан, до Кина. Истата ја заврши со двонеделна обиколка на австралискиот брег.
Пет години подоцна, во 2015 година, тој доживел несреќа додека пешачел во северна Индија. На планината Сток Кангри се лизнал на карпа и паѓал неколку стотици метри. Тој бил пренесен во болница, а откако неговата состојба се стабилизирала, бил префрлен на лекување во Израел. По несреќата се опоравил и продолжил со велосипедизмот.