Американското здружение за срце напоменува дека некои истражувања сугерираат дека консумирањето на црното чоколадо е поврзано со помал ризик од инсулинска резистенција и висок крвен притисок. Едно истражување, во кое биле вклучени дебели лица, покажало дека консумирањето црно чоколадо и сурови бадеми помогнало да се намали нивниот „лош“ холестерол. Други истражувања укажуваат на когнитивни придобивки, како што се подобрена меморија, подобрена брзина на обработка и подобрување на расположението.
Иако некои експерти веруваат дека доказите за здравствените придобивки од темното чоколадо сѐ уште се слаби, новата студија додава сè поголем број истражувања што може да ве охрабрат да уживате во неколку коцки од омиленото темно чоколадо по вечерата. Студијата објавена во „Интернешнел џрнал од ексерсајс сајенс“ го тестирала влијанието на мало количество темно чоколадо врз потрошувачката на енергија кај жените за време на одмор и вежбање.
Осумнаесет жени биле случајно распоредени во една од двете групи – на едната група ѝ било дадено 20 грама темно чоколадо, а на другата калориски приспособено бело чоколадо, коe го јаделе во текот на 28-дневниот пробен период. Испитаниците не биле запознаени со фактот дека црното чоколадо се тестира, а белото е плацебо. Потрошувачката на енергија за време на одмор и потрошувачката на енергија за вежбање, во двете групи биле евидентирани пред почетокот на додавањето на чоколадото и по 28 дена консумирање. Вежбите вклучувале стационарно возење велосипед во два различни интензитети.
Резултатите покажале дека учесниците што јаделе темно чоколадо забележале речиси 10 проценти забрзување на метаболизмот во мирување во споредба со групата што јадела бело чоколадо, која немала никакво забрзување.
Иако може да се претпостави дека кофеинот во чоколадото може да биде причина за забрзување на метаболизмот, истражувачите велат дека дневната доза темно чоколадо – приближно четири коцки – била премала за неговата содржина на кофеин да има значајна улога во исходот.
Според истражувачите, поверојатно е дека флавоноидите во црното чоколадо стимулираат забрзување на метаболизмот и сугерираат дека понатамошните истражувања можат да ја откријат улогата на црното чоколадо во енергетскиот биланс, контролата на телесната тежина и составот на телото.