Жителите од кавадаречките села Ресава и Бегниште со векови наназад достоинствено и посветено ги негуваат традиционалните обичаи на познатите џоломари, кои се одржуваат вечерта спроти празникот Василица.
Посебноста и оригиналноста на овие пагански обичаи, во кои маскираните џаламари ја имаат улогата да ги истераат злите духови во некрстените денови од Божиќ до Водици во селата Ресава и Бегниште, се карактеризираат со оригинални маски со исцрнети лица и долги бели бради, црни волнени наметки и огромните звонци и клопотарци кои произведуваат силен звук.
Традиционално во Музеј-галеријата во Кавадарци се организираат етно-проекти на тема василичарските џоломари.
Вечерва со почеток во 18 часот во Музеј-галерија во Кавадарци ќе биде отворена изложба на фотографии под наслов „Џоломарската игра во селата Ресава и Бегниште“ чиј автор е Томе Крстевски кустос-етнолог во музејот.
На 41 пано и вкупно 80 фотографии Крстевски прави избор од ритуалните игри на ресавските и бегнишките џоломари од богатите збирки фотографии на Тоше Огњанов, Цветанка Темова Илова, Сашко Илов-Дете и Јадран Манчев.
Џоломарската игра е позната низ цела Макдонија, но во зависност од тоа каде се одржува нивните имиња се различни и тоа: џаламари, џоломари, џамалари, бабари, суровари, василичари, русалии и слично.
– Се смета дека овие маскирани групи се организираат со цел да ги избркаат лошите духови што шетаат во дванаесетте некрстени деновои од Божиќ до Водици. Според народните верувања тогаш шетаат разни вештерки, вампири и лоши духови, а се верува дека и водата е опседната од овие духови, односно дека е леунка-немоќна и некрстена бидејќи крстот е врзан и нема сила во овие денови да помогне и да ги истера. Нивните ритуални игри се проследени со драмски и комични елементи исполнети со магични дејства што имаат цел да го истераат лошото, а истовремено да донесат бериќет и благосостојба за годината што настапува како во семејството така и на земјоделските посеви.
Зборот „џоломар“ се среќава само во Тиквешијата. Непишаните правила во маскирањето се исклучително строги и нема место за импровизации така што обичаите пренесувани од татко на син се пренесуваат во својата изворна форма, која со векови не се менува. Од истражувањето и разговорите со жителите на Ресава, Бегниште и селата Сопот и Дреново каде, исто така, се негува обичајот, немаа објаснување за значењето на зборот. Така било и така останало, но истовремено и етимологијата како наука не го познава зборот „џоломар“ – вели Томе Крстевки кустос етнолог автор на изложбата.
Атрактивноста на овие обичаи и ритуалните игри на џоломарите во кавадаречките села по традиција за време на празникот Василица привлекуваат многу посетители и гости. Во обичаите учествуваат исклучиво мештаните, а ќитлите со богати подарци од храни ги даруваат василичарите и младоженците со цел годината да биде родна и бериќетна.