Познатиот македонски музичар Игор Атанасоски-Харе инспириран од поезијата на Зафир Хаџиманов сними своја блуз верзија на песната „Од љубов не се бега“, за која е снимен и интересен видео запис.

– Позната песна на Зафир Хаџиаманов, „Од љубов не се бега“, што тој често ја изведуваше на концертите ме плени со својот текст, но јас направив поинаква музика и аражман. Песната е напишана со едноставен народски јазик, исто како блуз мелодиите и тоа ме повлече да и дадам таков музички облик – ни рече Игор Атанасоски-Харе.

Песната е снимена во студиото „Тралала Скопје“ на Мите Димовски, кој беше и продуцент, а и со своите тапани го збогати новиот аражман. На Харе кој свиреше гитара, му се приклучија и Трајко Симоновски на бас и Дамир Имери на клавијатури.

Инаку, токму оваа песна на Зафир Хаџиманов, своевремено беше дел од „Ало будење“, првиот македонски мјузикл, за кој Хаџиманов ја напиша музиката, а го режираше Коле Ангеловски и беше на репертоарот на Драмскиот театар во Скопје. Со оваа претстава театарот гостуваше низ цела некогашна Југославија, а песната „Од љубов не се бега“ се слуша сѐ до денес.

М.Т.