Божиќ и новогодишната ноќ оваа година ќе бидат понакви за луѓето ширум светот. Заглавени во своите домови и разделени од семејствата и пријателите, се со цел да се запре ширењето на ковид-19, многумина ќе се потпрат на видеоповици за време на прославите.
Компанијата „Зум“ која стана популарна во светот за време на пандемијата на коронавирус, ги уверува своите корисници дека нема да има технички проблеми во текот на Божиќ и Нова Година.
Зум во декември 2019 година дневно имаше по десет милиони корисници, а во април 2020 година таа бројка достигна 300 милиони.
Поради рестриктивните мерки во голем број земји низ светот нема да бидат дозволени семејни собири во домовите за време на Божиќ и Нова Година, па затоа повеќето корисници на оваа апликација ќе ја искористат можноста преку видеоповици да разговараат симултано со повеќе лица.
Но се поставува прашањето дали апликацијата ќе може технички да го издржи тој наплив на корисниците, истовремено во Европа и САД.
– Ковид-19 го смени нашиот стил на живот, начинот на работа и прославите во 2020 година. Како и се, така и празниците не изгледаат веќе исто – објави во својот блог оваа компанија.
Од компанијата „Зум“ со седиште во Сан Хозе, САД, уверуваат дека нема да има никакви проблеми за оние кои ќе сакаат да се видат на далечина и да ја користат нивната апликација.
– За кој било празник поврзувањето на луѓето низ светот нема да биде тешко. Функционираме на глобално ниво, имаме центри на податоци низ светот, имаме контрола и флексибилност кога станува збор за аудио и видео услуги. Работиме со клауд-провајдери од различни земји за да ги исполниме барањата на нашите корисници – стои во соопштението на компанијата „Зум“.