Приказна за мафијата, по сѐ изгледа, е непресушна холивудска тема. „Ирецот“, новиот филм на Мартин Скорсезе, е приказна за мафијашкото семејство Буфалино и славниот синдикален шеф Џими Хофа и е последен од низата филмови во жанрот што ја заведува публиката и филмофилите веќе со децении.

Тоа не е за изненадување, сметаат стручњаците за поп-култура, ако се има предвид дека мафијашките теми се комбинација од криминал, злосторство, семејство и американски сон.

– Тоа е жанр кој допира и кој вибрира меѓу фасцинацијата од криминалот и семејната динамика со која гледачите секогаш се поврзуваат – објаснува Дејвид Шмид, уредник на книгата „Насилството во американската поп-култура“ и професор на универзитетот во Бафало.

„Ирецот“ со Роберт де Ниро, Ал Пачино и Џо Пеши во главните улоги, е „продолжение“ на „Малиот Цезар“ од 1931 година, преку „Кум“ и „Сопранови“, кои беа многу успешни според благајните, а освоија и многу награди.

Скорсезе со овој филм се враќа на италијанско-американските теми, кои веќе ги истражуваше во „Добри момци“ и „Казино“. Се очекува дека „Ирецот“ ќе биде меѓу водечките кандидати за „оскар“.

– Мафијата го замени вестернот како голема американска филмска тема. Спротивно на географските граници на вестернот, филмовите за мафијата говорат за одредување на урбаните граници, меѓутоа воедно се и големи приказни за преселувањето во странска земја и тешката положба да се преживее – вели Роберт Томсон, професор за поп-култура на универзитетот во Сиракуза.

Големото американско-италијанско семејство, собрано на масата додека вечера паста, на гледачите им нуди големи ликови за кои е можно да се навива дури и ако се на погрешната страна од законот.

Популарната серија „Сопранови“ на тоа додаде и нова нота, невротичен и емоционално збунет мафијашки шеф.

– Тоа помина одлично, зашто многумина од нас имаат работа што не ја сакаат – вели Шмид.

 

Насилството е клучен дел од мафијашкиот пакет, ама има помалку крв во споредба со акционите филмови.

– Експлицитно насилни мафијашки филмови не би биле така популарни. Гледачите сакаат да се занесуваат во романтичните елемeнти на иселеничкиот наратив во кој личноста што е „никој“ станува „кум“ – додава Шмид.