Држава: Романија
Надморска височина: од 1.050 до 1.800 метри
Патеки за скијање: во должина до 24 километри
Како едно од најдобрите скијалишта во Романија, Појана има над 24 километри патеки за скијање. До нив можете да стигнете со градскиот превоз од Брашов, од кој е оддалечен 15 километри. А кога ќе се качите над историскиот град, панорамата нема да ве остави рамнодушни.
Овој познат зимски центар во Европа се наоѓа 170 километри северозападно од Букурешт, на подножјето на масивот Поставарул, во Источните Карпати, на надморска вина од 1.050 метри, додека скијачките терени се на 1.800 метри. Со многу хотели и патеки за алпско скијање, Појана, кај Брашов, им овозможува максимално задоволство на љубителите на зимските спортови. Сезоната на скијањето трае од декември до април.
Во околината на Брашов се наоѓаат и зимските центри Синаиа, Предеал, Азуга и Бустени.
Климата во овој дел на Романија е умерено континентална, а преминот од лето во зима се одвива постепено. Просечната летна температура е 20 степени, а во зима се спушта до – 4 степени, додека просечната годишна влажност на воздухот е 75 проценти. Снежната покривка во просек е дебела 60 сантиметри.
Покрај зимските спортови и рекреацијата, туристите може да ја посетат и древната црква „Свети Јован Крстител“, како и заштитената природна област Стежеришул Маре.
Во историските документи Појана првпат се споменува во 1895 година, како прво туристичко место во околината на Брашов. Набргу потоа, во 1906 година, станува и зимски центар, а три години подоцна тука се одржува и првиот скијачки натпревар во Романија. Во 1951 година, Појана била домаќин на Меѓународните студентски зимски спортски игри, претходница на денешната Зимска универзијада.
Во последно време овој зимски центар прерасна во мал град, со многу луксузни хотели, апартмани и ресторани.