„Индор гарден“ се стреми да ја внесе зелената уметност во животот на луѓето, да им ја приближи природата и да им го намали стресот во градските средини. Според будистичката зен-доктрина, најважниот концепт на овие градини е симболично изразување на една вселена на ограничен простор
Светскиот проблем со аерозагадувањето, забрзаниот стил на живот, фактот дека луѓето голем дел од времето го минуваат во затворен простор, каде што воздухот може да биде и неколкупати позагаден од надворешниот (поради материите што ги содржат мебелот, облеката, градежните материјали) и обидот да им го намалат стресот на луѓето од градските средини, се главните движечки фактори на идејата за формирање на брендот „Индор гарден“ (Indoor Garden).
Тоа е името на компанијата што ги следи светските трендови во дизајнот и креира градини наменети за облагородување на просторот за живеење и за работење.
– Нашата компанија се стреми да ја внесе оваа зелена уметност во животот на луѓето, да им ја приближи природата и да им го намали стресот во градските средини. Со стручно и професионално работење да ги задоволи потребите и желбите на купувачите, а истовремено да ја развие и продлабочи свеста на луѓето за зачувување на зеленилото и природата воопшто, а со тоа и да го подобри квалитетот на животот – вели Стефани Пренкова, иницијаторка за заживување на „Индор гарден“.
Таа додава дека и кај нас веќе станува тренд истовремено со уредување на ентериерот со мебел да се планира и облагородување на просторот со зеленило, без оглед на тоа дали се работи за станбен или деловен простор, за ресторан или хотел.
– Особено актуелни се растенијата што, според истражувањето спроведено од НАСА, најдобро го прочистуваат воздухот во ентериерот. Секако привлечни се и алохтоните билки со впечатливи бои и форми. Заинтересираните, во зависност од висината на средствата што може да ги издвојат, се одлучуваат за домашни или за странски видови растенија, со помали или поголеми димензии. Добро е и тоа што истовремено со купувањето, луѓето бараат и стручна помош, во однос на видот на растенијата, нивното потекло и начинот на нега, неопходен за успешен раст и развој – вели Пренкова.
Според нејзините сознанија, со порастот на глобалниот тренд на миграција од селата во градовите, луѓето сѐ повеќе се фокусираат кон зеленилото. Иако преминувањето во урбаните центри нуди пристап кон подобро вработување, образование, здравствена заштита, културни можности, тоа доведува до зголемување на стресот, бучавата и намалување на пристапот кон отворен простор, свеж воздух и природа. Обидувајќи се да го решат овој проблем во светот осмислени се таканаречени живи ѕидови со растенија. Овој нов тренд на озеленување е погоден и за помалите површини, бидејќи ако во малиот простор нема место за растение на масата или на полицата, секогаш има некој слободен ѕид за вертикално озеленување. При озеленување на ентериерите, како кај нас, така и во светот, паралелно со изборот на растенијата се избираат и соодветни садови, керамички, бетонски, со систем за наводнување.
Во понудата на „Индор гарден“ има голем избор на растенија. Исто така се комбинираат неколку вида, кои прават мини-зенградини.
– Не постои едноставна дефиниција за тоа што претставува зен-градина. Иако, за западниот свет двата најочигледни елемента на овие градини се песокот и каменот, во јапонските градини е изразена идејата за имитација на природниот предел, на планините и реките. Зен-градини први почнале да градат зен-будистите во дворовите на манастирите, за погледот кон нив да им го смири умот, медитирајќи на брановите формирани во песокот и чакалот. Според будистичката зен-доктрина, најважниот концепт на овие градини е симболично изразување на една вселена на ограничен простор. За да се постигне таков ефект се користат различни помагала, песок или чакал, кои претставуваат река или океан, карпи и камења, како острови или планини и минијатурни дрвја што ја претставуваат целата шума. Ваква градина може да се создаде скоро во секој простор, почнувајќи од големите градини што покриваат површина од неколку хектари, сѐ до малите десктоп-градини, кои зафаќаат простор малку поголем од тетратка – објаснува Стефани Пренкова.
Независно од големината, начинот на создавање на зен-градините е ист. Тие може да бидат адаптабилни и постојано да се менуваат во согласност со желбите. Создавањето убава зен-градина внесува мир и чувство на исполнување, не само кај создавачот, туку и во целиот простор.
– За создавање на малите градини се одбираат растенија во зависност од условите во просторијата и во согласност со препораките на специјалистите за фенг шуи, како и врз база на тестирањата на растенијата што најдобро го филтрираат воздухот од НАСА. Според вселенската агенција, најкорисни се: спатифилум, антуриум, хлорофитум, драцена, пахира, папрат, епипремнум, фаленопсис, љубичица красула, ало… Секоја градина е оригинална и во согласност со источната зен-филозофија, на суптилен начин помага да се смири умот, да се релаксира и опушти – објасни Пренкова.
Освен естетско уживање и разубавување на просторот, малите градини овозможуваат да се уживаат придобивките од растенијата – збогатување на воздухот со кислород, прочистување на внатрешните загадувачи и алергени и зголемување на влажноста на воздухот – а истовремено помагаат во опуштање и фокусирање. Тоа, пак, доведува до зголемена продуктивност, креативност, генерирање идеи и подобрување на квалитетот на животот на индивидуата.
– Ова всушност се докажа како точно со поставувањето на првите наши мали зен-градини во галерија „РА“, која ни овозможи да користиме дел од нејзиниот изложбен простор, за што искрено им благодариме. Имајќи ги предвид сите придобивки од декорирањето на просторот со растенија, најдобро е да се направи спој на корисното и убавото. Во согласност со забрзаниот стил на живот и менувањето на навиките, малите градини се вистинско решение за декорирање и облагородување на ентериерот, особено на малиот станбен простор во градските подрачја. Тоа истовремено е и препорака до граѓаните, бидејќи внесувањето малку природа во ентериерот претставува не само инвестиција во себеси, туку и скромен, но значаен придонес во решавање на проблемот со аерозагадувањето – нагласува Стефани.