Британските научници откриле како некои видови зеленчук, особено оние од семејството на зелката, го намалуваат ризикот од развој на рак на дебелото црево и резултатите ги објавиле во списанието „Имјунити“. Веќе е познато дека зелјестите зеленчуци (зелка, прокељ, карфиол, брокула) се многу добри за здраво функционирање на дебелото црево, но досега не беше детално објаснето зошто.
Група научници од британскиот институт „Френсис Крик“ се посветија на истражувањето. Тие во зелјестиот зеленчук откриле антиканцерогени хемиски соединенија што се ослободуваат додека се вари во дебелото црево.
Студијата била спроведена на лабораториски глувци и се фокусирала на тоа како таквиот зеленчук ја менува, односно ја регенерира слузницата на дебелото црево, што е процес што трае помеѓу четири до пет дена. Но за постојаното обновување на слузницата, кое помага во апсорпцијата на хранливи материи и вода, клучни се хемиските соединенија содржани токму во зелјестите зеленчуци.
Научниците го испитувале хемиското соединение познато како индол-3-карбинол, кое се ослободува додека џвакаме залак од брокула, прокељ, зелка…
Научничката д-р Гита Стокингер, која учествувала во студијата, советува дека зеленчуците што припаѓаат на семејството на зелката, пред консумирање не треба да се преварат, за да не се изгубат корисните антиканцерогени состојки. Истражувањето покажало дека храната богата со индоли ги заштитила глувците од развој на канцерогени клетки, дури и оние што по претходна генетска анализа биле во високоризична група за развој на карцином.
– Дури и откако кај некои глувци туморот почна да се развива, а ние применивме соодветен режим на исхрана богат со зелјест зеленчук, прогресијата на туморот беше стопирана – истакнува Стокингер, додавајќи дека ова е голема причина за оптимизам.