Легендарниот интерпретатор на македонска народна музика Ѓорѓи Желчевски, кој почина во понеделникот во својот дом во Белград, на 82 години, зад себе остави многу испеани фолклорни бисери, со кои во дует со својата животна придружничка Кевсер Селимова го обиколи светот.
Желчевски е роден во Прилеп во 1938 година, но најголемиот дел од животот го поминал во Белград. Сопругата Кевсер, по потекло од Ресен, ја запознал на концерт во Титово Ужице во 1959 година, музичкото партнерство го почнале две години подоцна, а набргу се преселиле во Белград. Се венчале дури по 18-годишна врска. Тие станаа еден од најпознатите дуети на просторот на некогашна Југославија, со кариера долга над 60 години, а ќе останат запаметени нивните изведби на македонските народни песни; „Елено, ќерко“, „Бело лице љубам јас“, „Врати ми се, љуби ме“, „Брала мома капини“ и многу други.
Иако живееја во Белград, Ѓорѓи и Кевсер беа чести гости во Македонија, каде што до скоро често настапуваа. Во 2013 година, во Домот на АРМ во Скопје одржаа концерт по повод 50 години заедничко творештво, а три години подоцна добија и „златна бубамара“ за животно дело. Интересно за Ѓорѓи е тоа што освен што имал убав глас тој знаел да свири на неколку инструменти, а имал и неколку дипломи: завршил средно медицинско училиште за санитарен техничар, виша педагошка школа и природно-математички факултет – отсек наставник по хемија, кои никогаш не ги искористил и цел живот ѝ останал верен на песната, уште од првата аудиција во Радио Скопје, каде што почнал како солист.