Како примарен успех, годинешното издание на „Златна бубамара“ може да си ја ефектуира барем победата на стравот од коронавирусот

За дваесет и тригодишното постоење, манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“ преживеа неколку вируси, успеа да се одржи во неколку политички гарнитури на власт, смени три-четири локации како место на одржување, неколку водители, но, како што би рекол долгогодишниот и актуелен водител Сашко Коцев, „годините си одат, Бубамара стоо“. Нестандардно за македонски услови, последното доделување на „бубамарите“ започна точно во закажаниот термин, во 20 часот, во полупразната арена „Борис Трајковски“, со настапот на децата од инклузивното танцово студио „Еурека“. Веќе започнаа сомневањата дека стравот од коронавирусот ќе ѝ го земе данокот на популарноста на „Бубамарата“, но на крајот на првиот содржински блок, за настапот на Џокси со „Велигден“, сите седишта веќе беа пополнети.

Различни се очекувањата во јавноста од оваа манифестација: колекционерите на „бубамари“ (наградените) очекуваат (уште) некоја награда, но публиката обично доаѓа за да слушне како со сатира ќе бидат „подбрани“ сите ликови и настани од општествено-политичкиот живот што во текот на годината биле носители на случувањата. Всушност, и годинешнава парола беше „Нема правда, нема пара, ама има Бубамара“.

Годинава целата одговорност за хуморот и сатирата на сцената беше врз грбот на водителот Сашко Коцев. Во тој дел немаше помошници, како во изминатите години, со „заменските водители“ Атанас и Тино, па мораше сам да се справи и со аферата „Рекет“, и со НАТО и со ЕУ, и со украинските пранкери, и со грешките во изведбата на химната, и со загадувањето, и со недостигот од формулари за лични документи… Дури мораше и да го адаптира и да го изведе кафеанскиот хит „Дотакао сам дно живота“, во духот на аферата со Кики, Фрики… и Џики.

Беа отворени некои нови дилеми за стари теми. На пример, ако влеземе во НАТО, кој датум ќе го славиме? Со оглед на практиката во неколку наврати да се прогласува „официјален влез во Алијансата“, Коцев ја изнесе можноста сите тие денови да бидат прогласени за празнични и неработни. Тоа пак ќе се одрази на влезот на странски инвеститори, зашто во Македонија нема да има работни денови. Решението за справување за загадувањето, според него, е во освојувањето на власта.
– Кога ќе дојдеш на власт, ти инсталираат чип и загадувањето го нема, не го гледаш – иронизираше Коцев.

Дури имаше и предлог за ангажирање стилист во МВР, кој ќе помага при фотографирање за лични документи, зашто заклучокот на „бубамарците“ е дека најгрдите фотографии на македонските граѓани се токму на личните документи. За евентуалното прашање од ЕУ, „по кои ноти ја пееме химната“, понудениот одговор е – „по фусноти“.

Вообичаено за „Златна бубамара“, долгометражноста на настанот е предизвик за издржливоста на најупорните во публиката. Оние што се предадоа и го напуштија теренот пред последното доделување на наградите, ќе имаат можност тоа да го видат на телевизија. Како примарен успех, годинешното издание може да си ја ефектуира барем победата на стравот од коронавирусот.


Наградени

Меѓу наградените годинава се: инклузивната танцова претстава „Пепелашка-Еурека“, за најпопуларна детска ТВ-емисија „Дајте музика“, пејачка на годината е Тамара Тодевска, хит на годината нејзината „Proud“, а за спортски подвиг е наградена Илина Арсова, за искачени 7 врва. Најсатирична емисија е „Фчерашни новости“, за трајни музички вредности наградата ја доби „Електрични оргазам“, театарска претстава на годината е „Мој термин“ на МНТ, актер – Јордан Симонов, а актерка – Тања Кочовска.
Најпопуларна регионална пејачка е Јелена Розга, награден за животно дело во областа на музиката е Ангеле Димовски, а за трајни музички вредности во етномузиката „Синтезис“. Интернационална награда за животно дело ја доби Раде Шербеџија, за животно дело во областа на филмот е награден Столе Попов. Наградата за најголем интернационален успех отиде во рацете на авторите на „Медена земја“. Амбасадори на македонската култура се „Танец“, а за спортски успех на годината е прогласен РК Вардар…