Во текот на изминатите три години, исчезна речиси една третина од коалите во Австралија, а како причина за тоа австралиската фондација „Коала“ ги посочи сушите, пожарите и уништувањето на шумите за создавање урбани површини.
Оваа независна фондација проценува дека оваа година бројот на коалите паднал под 58.000 во споредба со 2018 година, кога нивната бројка беше над 80.000, а најлош пад е забележан во државата Нов Јужен Велс, каде што населението на коалите се намалило за дури 41 отсто.
Директорката на фондацијата, Дебора Табарт, во интервју за „Ројтерс“ вели дека на земјата ѝ е потребен закон за заштита на коалите.
– Падот на бројките е навистина драматичен. Мислам дека акцијата за спасување на коалите сега стана императив. Се плашам дека бројките се дури и полоши отколку што се проценува – рече Табарт.
Не е забележано зголемување на бројот на овие слатки животни во која било област во Австралија, а падот на бројот на коалите во Нов Јужен Велс се забрза бидејќи големи области на шума беа уништени во пожарите кон крајот на 2019 година и почетокот на 2020 година.
– Особено сме загрижени за областа Нов Јужен Велс, каде што сушите имаа кумулативен ефект во текот на изминатите 10 години. Речните системи целосно се исушија со текот на годините, а тоа е катастрофално за еукалиптусот, кој е клучен за опстанокот на коалите – додаде Табарт.
Според Си-ен-ен, австралиската влада побарала од јавноста да изрази мислење за националниот план за реконструкции на Нов Јужен Велс, Квинсленд и областа околу Канбера, како и за тоа дали статусот за заштита на коалите треба да се подигне од „ранливи“ на „загрозени“. Покрај сушите и пожарите, изградбата на недвижен имот и патишта, исто така, придонесува за уништување на живеалиштата на коалата.
– Сите се свесни дека промена е неопходна. Но ако булдожерите продолжат да работат, коалите навистина ќе бидат загрозени – заклучи Табарт.