Три жени се номинирани за најдобра режија за наградата „златен глобус “. За првпат повеќе од една режисерка се најде во потесниот избор, објави организацијата за годишното доделување на наградите, пренесуваат светските медиуми.
Номинирани се Реџина Кинг, Клои Жао и Емералда Фенел, заедно со Дејвид Финчер и со Арон Соркин.
Филмот „Манк“ на Дејвид Финчер е со шест, најмногу номинации исто како и „Круна“ во категоријата телевизиски серии. „Круната“ предизвика многу контроверзни коментари поради начинот на претставување на членовите на британското кралско семејство.
Потоа следи филмот на Соркин „Судењето на седуммината од Чикаго“ и тв-комедијата „Считс крик“ со по пет номинации.
Добитниците ќе бидат објавени на церемонијата што ќе се одржи на 28 февруари. Наградите се доделуваат два месеца подоцна од вообичаеното поради пандемијата.
Саша Барон Коен и Оливија Колман се меѓу номинираните за актерски награди. Двајцата имаат по две номинации.
Барон Коен е номиниран за улоги во филмовите „Борат 2“ и за „Судењето на седуммината од Чикаго“.
Колман е номинирана за најдобра актерка во ТВ-драмата „Круна“ и е во потесниот избор за филмот „Таткото“.
Ема Корин и Џош О’Конор исто така се номинирани за улогите на принцезата Дајана и принцот Чарлс во „Круна “.
Ања Тејлор-Џој е уште една актерка која се натпреварува за две награди, за улога во филмот „Ема“ и „Дамски гамбит“ на „Нетфликс“.
Присуството на три жени во категоријата најдобра режија се случува првпат, откако во последните 77 години беа номинирани само пет жени режисерки, од кои последната беше Ава Дувернеј за филмот „Селма“ во 2014 година.
Фенел, Кинг и Жао се номинирани за „Ветувачка млада жена“, „Една ноќ во Мајами“ и „Номадленд“.
Британката Фенел беше главната сценаристка во втората сезона на серијата „Убивајќи ја Ева“, а исто така го игра ликот на Камила Паркер Боулс во серијата „Круна“.
Кинг е исто така и актерка, која освои „оскар“ и „златен глобус“ во 2018 година за нејзината улога во филмот „Шепотот на улицата“.
Кинеската режисерка Жао е првата жена со азиско потекло номинирана за наградата.
Во конкуренција за наградата во категоријата најдобар филм се:„ Манк“, „Судењето на седуммината од Чикаго“, „Таткото“, „Номадленд“ и „Ветувачка млада жена“.
Новиот филм за Борат, односно продолжението на оној од 2006 година, се натпреварува за наградата во категоријата мјузикл и комедија, заедно со „Хамилтон“, „Палм Спрингс“,„Матурска“ и „Музика“, режисерското деби на мјузиклот „Сиа“.