Мразот во Гренланд се стопил до точка од која нема враќање, а напорите за забавување на глобалното затоплување нема да го спасат од распаѓање, се вели во новата студија на истражувачите од Државниот универзитет во Охајо.
– Дури и да ја вративме климата каква што беше пред 20 или 30 години, сепак ќе изгубиме голема површина мошне брзо – вели еден од авторите на студијата, професорот Јан Ховат.
Микалеа Кинг, која е водечка авторка на истражувањето, пак, вели дека загубата на мразот во последните години е толку голема што тоа довело до мерливи промени во гравитациското поле над Гренланд.
– Ледената плоча на Гренланд губи повеќе од 280 милијарди метрички тони мраз, кој се топи годишно, што е најголем поединечен придонес за порастот на глобалното ниво на морињата – истакнува таа.
Топењето на мразот на Гренланд придонесува за зголемувањето на нивото на морињата за повеќе од милиметар секоја година, а веројатно во иднина ќе се влошува.
Авторите откриле дека по 2000 година ледената површина се намалила толку брзо што снежните врнежи не може да го надоместат изгубениот мраз дури и ако климата се промени.