За да го разберете светот, првин треба да „ѕирнете“ во умот и да го разберете извршниот директор и креатор на социјалната мрежа Фејсбук, Марк Закерберг. Тој има апсолутна моќ врз Фејсбук, а преку социјалната мрежа, тој помага во обликувањето на она во што веруваат над две милијарди луѓе, како и начинот на кој владите комуницираат со своите граѓани, вели Мајк Ајзак од „Њујорк тајмс“.
Ајзак тврди дека Закерберг има најголема контрола врз неговата компанија досега, но затоа неговите стравувања се исто така на највисоко ниво.
– Фејсбук никогаш не е здодевен. Затоа го проучувам веќе десет години – изјави Ајзак.
Тој објаснува дека Закерберг и компанијата неколкупати биле длабоко повредени во минатото, вклучувајќи ја и истрагата за претседателските избори во САД од 2016 година. Затоа Закерберг не сака да се најде во слична ситуација, а неговиот одговор на предизвикот е наметнување на уште поригорозни мерки за контрола.
– Верувам дека Закерберг бара совети пред да донесе големи одлуки. Тој внимателно и темелно слуша кога ќе му се даде совет, а потоа седи во тишина и долго размислува без да отркрие како се чувствува. А таквите ситуации знаат да бидат неудобни – вели Ајзак.
Закерберг можеби тврди дека сега стои поцврсто врз улогата која ја имал долго време и им верува на своите инстинкти. Но, дури и најдобрите лидери имаат вградени алатки и механизми за самоограничување на нивната моќ. Сега, не се знае кои се неговите.
Да се биде познат и светски водач спаѓа во работата и изгледа дека тој одамна го сфатил тоа. Лекувањето на коронавирусот исто така е цел на неговата лична филантропија. Сега Закерберг покажува со пример како тој верува дека „Фејсбук“ може да помогне информациите да бидат широко распространети.
Дел од оваа кампања беше и интервјуирањето на експертот за заразни болести, д-р Ентони Фаучи со пренос во живо на Фејсбук. Затоа вработените во „Фејсбук“ понекогаш работат седум дена во неделата бидејќи сега е моментот за да покажат на сите дека веруваат оти нивната социјална мрежа може да направи повеќе добро отколку штета за време на пандемијата.
Ајзак смета дека е речиси невозможно да се одреди дали „Фејсбук“ прави повеќе добро отколку штета, во оваа и во било која друга ситуација. Исто така, Закерберг се плаши и од губење на контролата, тврди тој. Контролата, особено во светот на технологијата, брзо може да се лизне и испушти од рацете. Закерберг стравува дека луѓето ќе изгубат интерес за Фејсбук, а го загрижува и конкуренцијата надвор од САД, која доаѓа главно од Кина, за чиј модел за регулирање на Интернет тој мисли дека не почитува човековите права.
– Закерберг се плаши дека ќе биде узурпиран од неговата позиција на врвот, но изгледа дека додека луѓето користат една од неговите социјални алатки, тоа нема да се случи во блиска иднина – заклучува Ајзак.