Немедицинските маски на ѕвездата на реалното шоу, лансирани на пазарот преку нејзината компанија за долна облека, покажуваат дека едвај видлива станува линијата меѓу модата и потребата
Авторка: Морвина Фериер
Гардијан
Ѕвездата на телевизиското реално шоу, Ким Кардашијан Вест, е најновата дизајнерка која ја искористи кризата од коронавирусот за да лансира линија на заштитни маски и воедно предизвика големи расни контроверзии. Претставени на пазарот во текот на минатиот викенд како дел од брендот за долна облека и обликување „Скимс“, немедицинските маски без набори ги има во пет тонови на кожата и наводно се распродадоа за помалку од 30 минути. Сега се воведе листа на чекање за нив.
Но нивниот комерцијален успех дојде заедни и со обвиненија за „ненамерен расизам“, според некои на социјалните мрежи, кои истакнаа дека една од маските не била во точната неутрална боја како за црномурест модел. Порталот на „Скимс“ го промени моделот и маската што таа ја носи. Од компанијата не беа достапни за коментар.
„Скимс“ најави дека ќе донира 10.000 маски во разни локални добротворни организации во Лос Анџелес каде што носењето на маска е задолжително ако не е возможно да се почитува физичката дистанца. Овој чин на великодушност беше пренесен секаде, како и вестите за продажбата.
Неколку други модни брендови одговорија на пандемијата од коронавирусот со тоа што ги преструктурираа нивните синџири на испорака во капацитети за производство на маски и други парчиња на лична заштитна опрема без повеќето од нив да имаат цел за заработка. Истовремено, големите капиталистички компании беа обвинети дека ја искористиле пандемијата за промоција во јавноста. Трети, како „АСОС“ и „Буху“ наидоа на критики затоа што профитирале во кризата со производството на „модни маски“ со леопардски и индиски дезени, кои нудат едвај или сосема мала заштита.
Маските на „Скимс“ чинат осум долари за парче и се достапни во боите „песок“, „глина“, „цигла“, „какао“ и „оникс“. Со оглед на тоа што маските се „немедицински“, порталот предупредува дека маската „не е респираторна и нема да го намали ризикот од инфекција“, па така нивното носење повеќе е естетски детаљ отколку мерка на претпазливост.
Постои загриженост дека ако носењето маска стане задолжително, многу тенка ќе стане линијата меѓу потребата и модното изразување, а овој сегмент од модната индустрија значително ќе се прошири. Маските во моментов се сметаат за „додаток“ во каталогот на брендот.
Не е првпат брендот на Ким Кардашијан Вест да предизвика расни контроверзии. „Скимс“ беше претставен лани прво како „Кимоно“, име кое предизвика критики поради алудирање на јапонската култура, па затоа градоначалникот на Кјото, Даисаки Кадокава, напиша отворено писмо до Кардашијан-Вест и од неа побара зборот „кимоно“ да „не биде монополизиран“ и ја замоли да најде друго име за брендот што таа всушност прифати да го направи.
Превод: Билјана Здравковска