„Епл“ ги предупреди своите корисници, сопствениците на „мекбук“, да не ги затвораат лаптопите со заштитните капаци на камерите, кои станаа исклучително популарни во последно време. Според американскиот гигант за технологија, оваа практика може да предизвика оштетување на екранот поради специфичниот дизајн на просторот помеѓу екранот и тастатурата на лаптопот, пренесе „Д верџ“.
Малите пластични капаци со лизгачки механизам денес се многу чести и чинат само неколку долари во онлајн продавниците, но тие не се добри за лаптопите ако ги затворите со нив. „Д верџ“ исто така потсетува дека поправките на лаптопите на „Епл“ се екстремно скапи, што е дополнителна причина корисниците да обрнат внимание на овие капаци.
Наместо да го користат капакот воопшто, „Епл“ им препорачува на своите клиенти да му веруваат на зеленото ЛЕД-светло што свети на лаптопот кога камерата е активна.
– Камерата е дизајнирана така што не може да се активира без да се вклучи индикаторското светло – велат од „Епл“.
Од компанијата додаваат дека се свесни дека некои луѓе се принудени да користат капаци на камерите за време на деловни конференции и слично, но во тој случај, потребно е потоа да ја отстранат заштитата секогаш кога ќе го затворат лаптопот. Постојат случаи кога екранот на „мекбук про“ се оштетил и при помал притисок врз затворениот лаптоп на кој бил оставен капакот на камерата. Во секој случај, ако не верувате во зеленото светло, парче самолеплива лента преку камерата е подобра опција од пластичните заштити.