Зрел е процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк, кој треба да биде финализиран со усвојување на предлог-законот во Собранието, кон крајот на мај
По прогласувањето на Шара за национален парк
Шар Планина е препознатлива по своите фасцинантни природни ресурси и поради тоа досега се направени голем број обиди за нејзино заштитување. Иницијативата за прогласување на македонскиот дел на Шар Планина за национален парк на институционално ниво датира од 1994 година. Но последните прогнози навестуваат дека тоа може да се случи до крајот на мај, доколку се усвои предлог-законот во Собранието.
Доколку се случи тоа, Шара ќе биде меѓу најголемите прекугранични заштитени подрачја во Европа и еден од најголемите национални паркови.
Анкета со голем одзив
Деталното истражување спроведено од страна на Македонското еколошко друштво (МЕД), деновиве го актуализира прашањето дали ќе се прогласи Шара конечно за национален парк.
Околу 83 отсто од испитаниците сметаат дека Шар Планина треба да биде прогласена за национален парк, покажа последното истражување на јавното мислење спроведено во рамките на проект на МЕД и платформата „Пријатели на Шара“.
Анкетата покажа и голема подготвеност кај локалното население за поддршка на иницијативата, односно околу 80 отсто од испитаниците изјавиле дека се подготвени да потпишат иницијатива за прогласување на Шар Планина за национален парк, резултат изнесен и во 2016 година.
– Идентична е ситуацијата во однос на тоа какви би биле промените од прогласување на Шар Планина за национален парк, односно 86 проценти од сите испитаници очекуваат позитивни промени (и во 2016 и во 2021 година).
Станува збор за анкета направена во март 2021 година на репрезентативен примерок од 628 испитаници во општините Јегуновце, Боговиње, Теарце, Тетово, Врапчиште и Гостивар, која во рамките на Полошкиот Регион опфати две урбани средини (Гостивар и Тетово) и 38 рурални средини – информираат од МЕД.
Анкетите на терен се спроведени од агенцијата ИПСОС, додека анализата е направена од Македонското еколошко друштво. Во примерокот се опфатени и сите поголеми планински села во рамките на предложените граници на идниот национален парк Шар Планина, а процентот на населението од руралните средини што одговорило позитивно на прашањето изнесува 75 отсто.
– За разлика од анкетата во 2016 година, оваа година резултатите покажуваат зголемена свесност кај локалното население од планинските села за терминот заштитено подрачје и придобивките што може тие да ги имаат со прогласувањето на Шар Планина за национален парк. Исто така, резултатите ни покажуваат и дека се неопходни активности за едукација во поглед на одржливо користење на природните ресурси од страна на локалното население, како и информации што јасно ќе ја дефинираат улогата на зоните на идниот национален парк – вели Фросина Пандурска-Драмиќанин, координаторка на проект во Македонското еколошко друштво.
Според неа, зрел е процесот на прогласување и оптимистички се очекува да биде финализиран со усвојување закон во Собранието кон крајот на мај, со кој Шар Планина конечно ќе добие статус на заштитено подрачје – национален парк. Понатаму следуваат утврдување план за управување на паркот по зони и едукација на населението, која може да трае со години, за што е потребно многу работа и прифаќање на новите правила од локалното население.
Зачувување на природните богатства
Правната заштита на едно подрачје значи регулирање на искористувањето на природата, но истовремено и поддршка за луѓето што живеат во тоа подрачје. Шар Планина обезбедува дом за над 20.000 луѓе (само на планината), чиј живот зависи и од квалитетот на животната средина околу нив.
– Прогласување на едно подрачје за национален парк не значи забрана за секакви човечки активности. Напротив, подразбира признавање на постоењето на единствено природно богатство во одреден регион и давање можност и начин за негово зачувување, притоа почитувајќи ги правата на жителите на тој регион, но и нивните обврски за паметно искористување на природните богатства на планината, заради зачувување за идните генерации – информира Даниела Камчева од Секторот за природа од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Прогласувањето на Шар Планина за националниот парк е само првата фаза од овој процес. Следна активност на Министерството за животна средина и просторно планирање е изработката на планот за управување при што покрај заштитата на уникатните природни вредности на ова наше планинско богатство, во исто време треба да се обезбеди и социоекономски развој на регионот и да се заштитат интересите на локалното население и да се обезбеди одржливиот економски развој.
– Владата го утврди конечниот текст на предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, кој го изработи Министерството за животна средина и просторно планирање, и донесе заклучок да биде доставен на усвојување во Собранието. Со тоа, тој влегува во собраниска процедура и од работата на Собранието зависи и неговото донесување. По донесувањето на зaконот, ќе се пристапи кон формирање јавна установа национален парк, која ќе управува со идното заштитено подрачје, за што МЖСПП веќе има обезбедено средства и ќе се пристапи кон изработка на планот за управување со националниот парк Шар Планина, во чија изработка ќе бидат вклучени експерти од Меѓународната унија за зачувување на природата (ИУЦН) и во кој ќе бидат подетално дефинирани дејностите во паркот – информираат од министерството.
Во однос на ресурсите, локалното население и понатаму смета дека дрвјата и шумите на масивот треба да се користат поодржливо. А повеќе од половина од населението знае дека во идниот парк земјиштето се заштитува/користи по зони.
Повеќе видови туризам
Граѓаните се свесни за туристичкиот потенцијал на Шар Планина и сметаат дека главните типови туризам што би можеле да ги развиваат се: планински, зимски, рекреативен и спортски. Кон развивање на туристичкиот потенцијал, граѓаните искажале позитивен став во однос на издавањето соби за туристите, за работа како туристички водичи, како и за продажба на млечни производи.