Цивилизацијата на Запотеките постоела најмалку 2.500 години, а нивната престолнина Монте Албан е еден од првите големи градови во Мезоамерика. Постојат неколку легенди за нивното потеклото, а според една Запотеките потекнувале од пумите и јагуарите.
Оваа цивилизација се појавува во долината Оахака, денес на територијата на Мексико. Почетокот на запотешката култура бил бурен. Во долината Оахака се создале три одделни општества, кои постојано биле во војна, особено забележливо во периодот помеѓу седмиот и петиот век пред нашата ера, кога биле изгорени повеќе храма. Состојбата се променила со изградбата на новата населба во централниот дел на Оахака, која подоцна прераснала во Монте Алба, со што започнала нова ера во историјата на оваа цивилизација. Археолошките докази укажуваат дека завојуваното население се обединува во една држава со центар во Монте Албан, од каде што постојано ја шири својата моќ надвор од Оахака. Околните народи не можеле политички и воено да им конкурираат.
Во вториот век од нашата ера влијанието на Запотеките се проширило во северниот и јужниот дел на мексиканското плато, а во овој период Монте Албан станал најголемиот град во овој дел на Мезоамерика. Доминацијата на Запотеките траела до седмиот век, но постепено започнале да го губат политичкото и културното влијание. Престолнината Монте Албан била напуштена, но нивната цивилизација преживеала до пристигнувањето на шпанските освојувачи. Како нов политичко-културен центар се појавил градот Митла, кој во 1521 година сѐ уште бил значаен религиски град на Запотеките.
Запотеките развиле календар и систем за пишување, кој се смета за еден од најстарите во Мезоамерика, а главните настани ги забележувале со хиероглифи. Нивната религија се состоела од повеќе богови, како што бил богот на пченката или богот на дождот. Истражувачите веруваат дека Запотеките принесувале човечки жртви во текот на религиските обреди.
Маската на богот Лилјак
Маската на богот Лилјак e откриена во урнатините на Монте Алба. Во науката сѐ уште постојат недоразбирања за целта на оваа маска, меѓутоа најголемиот дел истражувачи веруваат дека таа прикажува лилјак. Таа е создадена во периодот на првиот и вториот век, кога Монте Алба доминирала во регионот. Маската е изработена од дваесет и пет парчиња жад (зелен камен што бил особено ценет во Мезоамерика), со жолти и продорни очи изработени од фрагменти на школка. Денес маската е изложена во Националниот музеј за антропологија во Мексико Сити.
Се верува дека маската го претставува ликот на богот Лилјак, а самиот лилјак имал особено симболично значење во културата на Запотеките, мексиканското плато и пошироко. Бидејќи лилјакот живеел во пештерите, храмовите, гробниците итн., се поврзувал со светот на мртвите и духовните предци што живееле во подземниот свет.
Монте Алба – еден од најстарите градови
Монте Алба е еден од најстарите градови во Мезоамерика и речиси илјада години бил политички, економски, културен и религиски центар на Запотеките. Градот бил основан во петтиот век пред нашата ера, а негова карактеристика, која го дистанцира од другите градови во Мезоамерика, е фактот што градот е изграден на надморска височина од околу 1.940 метри. Монте Алба се карактеризира со централен плоштад, храмови, елитни градби, гробници итн. Особено е интересна гробницата што е позната како гробница на Тутанкамон од Латинска Америка. Во неа е пронајдена огромна колекција на златни предмети поврзани со култот на мртвите, а околу сто предмети се изработени од скапоцени камења и злато. Во минатото археолозите веруваа дека во гробницата е закопан некој крал, меѓутоа анализата покажува дека станува збор за женски предмети.