„Освојувачот“ – филмот што ја усмрти филмската легенда Џон Вејн
На 2 февруари 1956 година во Лондон се одржала светската премиера на американскиот филм „Освојувачот“, во продукција на американскиот милијардер Хауард Хјуз. Во главните ролји се појавиле легендарните Џон Вејн, Сузан Хејворд, Агнес Мурхед и др. И покрај реномираната актерска екипа, „Освојувачот“ е рангиран како едно од најлошите филмски остварувања во историјата. Но филмот е запаметен како злокобен, поради тоа што е причина за смртта на голем дел од филмската екипа што учествувала во неговото снимање, вклучувајќи ја и смртта на американската филмска икона Џон Вејн.
Делови од филмот биле снимени во близината на локацијата каде што до 1953 година биле извршени 11 надземни тестирања на нуклеарно оружје, во американската држава Јута. Филмската продукција била запознаена со нуклеарните проби, меѓутоа американските власти ги убедиле дека нуклеарните тестови не се опасни по здравјето на филмската екипа.
Екипата имала 220 луѓе. До крајот на 80-тите година на 20 век, 91 од нив развиле некаков вид тумор, а 46 починале од оваа болест. Режисерот на филмот починал од рак во 1963 година, на актерот Педро Армендарис му бил дијагностициран карцином на бубрезите во 1960 година, по што се самоубил, откако дознал дека состојбата е непоправлива. Џон Вејн, Сузан Хејворд и Агнес Мурхед починале од рак, а неколку роднини на Џон Вејн и Сузан Хејворд, кои го посетиле снимањето на филмот, имале појава на тумор. Мајкл Вејн развил карцином на кожата, а неговиот брат Патрик – тумор на градите. На Тим Баркер (синот на Хејворд) му бил дијагностициран бениген тумор на устата.
Хауард Хјуз до крајот на животот чувствувал вина поради одлуката за снимање на филмот, особено за изборот на локацијата. Хјуз ја купил секоја копија на филмот за 12 милиони долари и ја спречил проекцијата во кината сѐ до 1979 година, кога „Универзал пикчрс“ го купил неговиот имот. Се верува дека „Освојувачот“ е еден од филмовите што Хауард Хјуз бесконечно ги гледал во последните години од својот живот.
Најлошата година во историјата на човештвото
Харвардскиот историчар Мајкл Мекорник и група научници направиле истражување за да утврдат која година е најлоша во историјата на човештвото. Врз основа на истражувањето, заклучиле дека 536 година од нашата ера била најлошата година, а нивниот заклучок бил поткрепен од повеќе извори и откритија.
Византискиот историчар Прокопиј Кесариски запишал дека во 536 година, светлината на сонцето во текот на целата година била слаба, сонцето повеќе личело на месечината, односно надвор постојано било темно. Прокопиј не е единствениот што ја забележал оваа необична појава. Михаил Сириецот забележал дека сонцето станало темно и оваа темнина траела 18 месеци. Според овој византиски извор, дневната светлина траела четири часа, но дури и тогаш светлина била само бледа сенка.
Многумина верувале дека сонцето никогаш повеќе нема да ја обнови својата светлина.
Истражувачите потврдија дека планетата Земја била покриена со густи облаци во текот на целата година, кои настанале како резултат на масовна вулканска ерупција на американскиот континент, предизвикувајќи промена на климата. Кратките сончеви часови се одразиле врз родот и квалитетот на земјоделските култури, со што се намалила храната за населението во светски рамки.
Научниците веруваат дека слабата исхрана го ослабела имунитетот на населението, со што се создале услови за ширење на т.н. Јустинијанова чума, која имала уништувачки ефект врз населението. Болеста најпрво се појавила меѓу сиромашните, но набргу пристигнала и на византискиот двор. Се верува дека како последица на оваа чума починале околу 50 милиони луѓе.
Монети на Римската Империја во Јапонија
Во 2016 година, јапонските археолози пронајдоа четири бакарни монети на археолошки локалитет кај дворецот Кацурен, на островот Окинава. Подоцнежното истражување покажало дека станува збор за монети од Римската Империја, од третиот и петтиот век. Монетите се со големина од 1,6 до 2 см, аверсот и реверсот на монетите се нејасни, меѓутоа истражувањето со Х-зраци покажа дека на предната страна се наоѓа ликот на римскиот император Константин Први, а на задната страна е претставен војник што држи копје. Исто така, на овој локалитет археолозите пронајдоа и монета од 17 век што потекнува од Османлиската Империја. Откритието ги потврди сомнежите на истражувачите за дамнешните трговски врски на Окинава со Кина и Југоисточна Азија, но римските монети покажуваат постоење на контакт помеѓу Јапонија и Европа.