Најголемата ледена плоча на Антарктикот
Росовата ледена плоча е најголемата плоча на Антарктикот, со површина од околу 486.000 квадратни километри и широчина од 800 километри, речиси колку големината на европската држава Франција. Во минатото била именувана како Ледената баруера, бидејќи ја попречувала пловидбата на југ. Нејзиниот речиси вертикален раб оди во отвореното море повеќе од 600 километри, над нивото на морето е помеѓу 16 и 31 метар, додека 90 отсто е под нивото на морето. Најголемиот дел од Росовата ледена плоча се наоѓа во територијата на Росовиот протекторат, кој е под администрација на Нов Зеланд. Оваа плоча е откриена во 1841 година од страна на капетанот Џејмс Кларк Рос, според кого е именувана.
Херакле и Антеј
„Херакле и Антеј“ е уметничка слика во масло од германскиот уметник Ханс Балдунг. Делото ја претставува митската борба до смрт помеѓу херојот Херакле и Антеј. Антеј бил непобедлив благодарение на неговата мајка Гаја (Земјата), тој ги предизвикувал и убивал сите туѓинци. Тајната за непобедливоста на Антеј се состоела од неговиот допир со Гаја, затоа Херакле го кренал од земјата и го згмечил во прегратките.
Уметничкото дело било завршено во 1531 година, а несоодветната шепа од наметката на лавовската кожа на Херакле била додадена подоцна, за да се задржи пристојноста.
Шанти Ран
Шанти Ран е притока на реката Квин Ран во Пенсилванија, САД. Долга е приближно 2,3 километри и поминува низ градот Дејвидсон. Сливот на потокот има површина од 1,7 квадратен километар. Потокот е кисел, а Одделот за заштита на животната средина на Пенсилванија верува дека тоа е предизвикано од атмосферското таложење.
Талос – бронзен џин
Според хеленската митологија, Талос е творба на богот Хефест, изработена по барање на Зевс. Подоцна врховниот хеленски бог ѝ го подарил на принцезата Европа во која бил вљубен, а неговата примарна задача била да ги заштитува принцезата и островот Крит. Талос секој ден, по трипати, го претрчувал островот и им дозволувал на бродовите да се истоварат, доколку имале дозвола од властите. Во спротивно, врз нив фрлал карпи од голема далечина. Талос бил изработен од бронза, а низ неговиот сложен механизам минувала божествена течност што содржела олово. Во класичната уметност, Талос е претставен како млад маж, покриен со бронза.
Викторија
„Викторија“ е германски фудбалски трофеј што им се доделувал на германските шампиони од 1903 до 1944 година. Трофејот е изработен по примерот на Викторија, римската божица на победата, со крилја и венец. Трофејот првенствено бил наменет за да се обележи учеството на Германската фудбалска федерација на Летните олимписки игри во 1900 година, кои се одржаа во Париз.
Од 1903 година, „Викторија“ му се доделува на најдобриот германски фудбалски клуб и станува традиција во следните години. Фудбалското натпреварување е прекинато поради Првата светска војна, но по завршувањето на воените дејства продолжува традицијата. „Викторија“ последен пат е доделен во 1944 година, а по поделбата на Германија на две држави, Источна и Западна Германија, трофејот исчезнува.
Постојат повеќе теории за тоа каде точно се наоѓал. По падот на Берлинскиот ѕид и обединувањето на Германија, трофејот повторно е пронајден и денес се наоѓа во германскиот фудбалски музеј во Дортмунд.