Баумкирчер – словенечка тврдина
Во Словенија постојат многу средновековни градби, а меѓу нив е и т.н. тврдина Баумкирчер. Всушност, станува збор за кула што е изградена во 1342 година, од страна на Херхин Крансперг, со намена да се надгледува и контролира мостот на реката Виправа. Во 1386 година била купена од Херман Баумкирчер, од каде што и потекнува денешното име. Во периодот помеѓу 1625 и 1918 година е во сопственост на аристократското семејство Лантиери, а денес е туристичка атракција.
Кантон – единствениот населен атол во островите Феникс
Кантон е познат и под името Абаринга, а тој е најсеверниот, најголемиот и единствениот населен атол во островите Феникс. Кантон има лагуна со површина од 40 квадратни километри, а негов најблизок сосед е островот Ендербери, кој е оддалечен 63 километри. Според податоците, од 2010 година на атолот живееле 24 жители – 14 возрасни и 10 деца. Терабонга е единственото село, а во минатото островот бил под политичка контрола на САД и Британија. Кантон е откриен во 1824 година, од страна на капетанот Џон Палмер и Едвард Рид. Островот најпрво се именувал како Мери Балкут, во чест на сопругата на капетанот. Сегашното име потекнува од бродот „Кантон“.
Златана рипка – соѕвездие на јужното небо
Името на соѕвездието има португалско потекло, но астрономите го именуваат според латинскиот генитив Doradus, бидејќи тоа е практика при именувањето на ѕвездите. Поточно, името се однесува на рибата корифен, која на португалски јазик е позната како Дорадо (Dorado). Златната рипка го опфаќа поголемиот дел од Големиот Магеланов Облак, кој е составен дел од соѕвездието Маса.
Соѕвездието било именувано од страна на Петар Планциј, а било набљудувано од Питер Дирксон Кејсер и Фредерик де Хаутман. За првпат се појавува на глобусот од 1598 година, изработен од Плациј и Јодок Хондиј во Амстердам. За првпат под името Дорадо се сретнува во небесниот атлас од 1603 година, познат како Уранометрија, кој е изработен од Јохан Баер.
Во 17 и 18 век е познато под името Ксифија (сабјарка), поради тоа што во Кеплеровото издание на списокот од ѕвезди од 1627 година е запишано така. Меѓутоа, денес името Дорадо преовладува и е прифатено од светскиот меѓународен сојуз.
„Космос 1514“ – советски вештачки сателит
„Космос 1514“, познат и како „Биокосмос-6“ или „Бион-6“, е еден од околу 2.000 вештачки сателити што беа лансирани од страна на Советскиот Сојуз во втората половина на 20 век, во рамките на програмата „Космос“. „Космос 1514“ беше лансиран во 1983 година, од космодромот „Плесецк“, а во орбитата околу Земјата беше исфрлен од носечка ракета.
Сателитот бил наменет за биолошко истражување и бил спроведен експеримент со два мајмуна, на кои им бил вграден систем за следење на протокот на крвта низ каротидната артерија. Бил спроведен експеримент и со глувци, за да се истражи влијанието на радијацијата и микрогравитацијата. Мисијата траела пет дена.