Зошто лилјаците не се разболуваат?

Лилјаците се преносители на многу различни вируси што можат да бидат смртоносни за луѓето, но овие вируси не влијаат врз нив. Лилјаците еволуирале со голем број вируси со кои се инфицирани и континуирано циркулираат низ нивната популација, меѓутоа лилјаците не умираат од постојните инфекции. Научниците утврдија дека лилјаците можат да одржат рамнотежа во контролата на вирусната инфекција што може да убие друг домаќин, а истражувањата укажуваат дека причината за ова е во способноста за летање на лилјаците.
Истражувачите веруваат дека физиолошките барања на летот влијаат врз имунолошкиот систем на лилјакот. Имено, летањето кај лилјаците предизвикува покачување на метаболичките функции и покажување на телесната температура за околу 38 Целзиусови степен. Со други зборови, лилјаците честопати се во состојба што кај луѓето се смета за треска.
Но летањето не е единствената причина што го спречува штетното дејство на вирусите. Во 2018 година, научниците идентификуваа мутација на ген кај лилјаците за кој веруваат дека им помага при вирусна инфекција. Истражувањата покажаа дека спомената мутација кај лилјаците го намалува создавањето на специфичните протеини што го предизвикуваат воспалението при вирусна инфекција.
Науката веќе долго време знае дека лилјаците се потенцијален извор на нови вируси, а истражувањата што се однесуваат за имунитетот на лилјаците продолжуваат. Се верува дека со понатамошните истражувања и откритија ќе се подобрат нашите разбирања за лилјаците, вирусите и за нашиот имунолошки систем.


Титанобоа – џиновска змија

Експедиција на меѓународни научници предводени од Џонатан Блох, специјалист по ’рбетничка палеонтологија при Универзитетот на Флорида, во 2009 година пронајдоа 28 фосили на змии што живееле пред околу 60 милиони години во периодот палеоцен. Фосилите беа пронајдени во северниот дел на јужноамериканската држава Колумбија, а пред ова откритие во тропските предели на Јужна Америка биле пронајдени само мал број фосилизирани ’рбетници од споменатиот период.
Научниците и светската јавност беа зачудени од фосилизираните пршлени на оваа прастара змија, која била долга околу 15 метри и тежела над еден тон. Всушност станувало збор за најголемата змија што некогаш живеела на планетата Земја, која беше именувана титанобоа. Во 2012 година, откритието беше екранизирано во форма на документарен филм под наслов „Титанобоа: Змија чудовиште“ и беше проследен со панел-дискусија од научниците што го направија откритието.
Во буквален превод, титанобоа означува титански удав. Споменатата змија припаѓала на семејството змии што се познати под името удав или боа, затоа што својот плен го убиваат со давење, откако ќе го грабнат животното се намотнуваат околу него и со стегање го задушуваат.


Тибетски мастиф

Овој огромен пес потекнува од номадските култури на Тибет, Кина, Монголија, Индија и Непал, бил користен од тибетските племиња за заштита од дивите животни, како што се тигрите, мечките, леопардите и волците. Тибетски мастиф е познат по својата лојалност и илјадници години се користел како номадски пес. Овој пес може да тежи повеќе од 115 килограми, а некои примероци достигнуваат и висина до 83 сантиметри. Како и сите други раси што се чувари, тибетскиот мастиф е интелигентен и тврдоглав поради што се препорачува обука за послушност.