„Ангкор ват“ – најголемата религиозна градба во светот
„Ангкор ват“ е огромен религиозен комплекс што се состои од неколку храма, а се простира на два квадратни километри, со што е најголемата религиозна градба во светот. Се наоѓа во центарот на Ангкор, престолнина на Кмерското Кралство во Индокинескиот Полуостров. Неговата градба почнала во дванаесеттиот век, а во текот на својата историја го задржал својот верски карактер. Во почетокот бил хиндуистички храм посветен на богот Вишну, а подоцна станал будистички.
Неговата архитектура се состои од два дела: храм-планина и храм со галерија. Неговата основа е т.н. планина Меру, домот на девиците според хиндуистичката религија. Тука се сместени и крепост што е долга три километри и внатрешен ѕид долг триесет и шест километри. Во центарот на храмот, кој се состои од галерии, се наоѓа градба со пет кули. Овој храм се одликува со грандиозна и хармонична архитектура, големи и долги камени релјефи, скулптури на девици итн.
Храмот „Ранганатхи“ најсветата сакрална градба во Индија
Овој хиндуистички храм се наоѓа во Шрирангаме, индиската држава Тамил Наду. „Ранганатхи“ е најсветиот храм во Индија и е посветен на богот Вишну, а изграден е во дравидски архитектонски стил. Бил прославен од светите поети (алвари) со нивните песни од деветтиот и десеттиот век. Од вкупно 108 свети хиндуистички храмови, „Ранганатхи“ е на првото место.
Храмот се наоѓа на остров во градот Шрирангаме и зафаќа површина од 631.000 квадратни километри, со што е најголемиот активен сакрален комплекс во светот. Овој т.н. град-храм се карактеризира со правоаголни објекти што кружат околу најсветото светилиште. Целиот објект се состои од 81 светилиште, 21 кула, 39 павилјони и 9 свети базени, кои се украсени во дравидски стил. Едната страна на храмот е обоена со бела боја, како симбол на чистотата.
„Борободур“ – најголемиот будистички храм во Југоисточна Азија
Храмот има форма на пирамида и се наоѓа на островот Јава, Индонезија. „Борободур“ се состои од девет платформи, шест квадратни и три кружни, со централна купола на врвот. Храмот се одликува со 2.672 релјефни плочи и 504 статуи на Буда. Централната купола е обиколена од 72 статуи на Буда. Се верува дека е изграден во периодот помеѓу седмиот и осмиот век, за време на династијата Салиендра. Овој будистички храм со векови беше покриен со вулканска пепел, сѐ додека не го откопаа Европејците. Во 1991 година од страна на УНЕСКО беше ставен на листата на светското културно наследство.
„Големиот Буда“ – најголемата бронзена статуа на Буда
Најголемата бронзена статуа на Буда е сместена во Тодаиџи, голем будистички комплекс што се состои од повеќе храмови, кој некогаш бил еден од т.н. Седум големи храмови во Нара, Јапонија. Се верува дека неговата градба почнала во првата половина на седмиот век, а неговата конструкција траела повеќе децении.
Во Тодаиџи е лоциран т.н. Двор на Големиот Буда, каде што се наоѓа најголемата бронзена статуа на Буда. Оваа статуа е огромна, со тежина од 500 тони, нејзината висина е 14,98 метри, лицето – 5,33 метри, очите – 1,02 метар, носот 0,5 метри и ушите 2,54 метри. Рамената на статуата се долги 28 метри. Истражувачите во внатрешноста на „Големиот Буда“, со помош на рендгенски зраци, открија човечки заб, бисери, огледала, катани итн. Се верува дека тоа се моштите на императорот Шому.