Експерименталниот проблем „Трамвај“

Проблемот „Трамвај“ е мисловен експеримент што се користи во моралната филозофија. Модерниот облик на проблемот првпат е претставен во 1968 година од страна на британската филозофка Филипа Фут, која се занимавала со етичките теории како што се утилитаризмот и деонтологијата. Во најопшта форма проблемот се состои од – еден трамвајот се движи без контрола и на шините се врзани петмина луѓе. Ти стоиш покрај рачка што може да ја промени шината по која се движи трамвајот. Но на другата шина лежи еден човек. Постојат две опции: да не се преземе ништо и да му се дозволи на трамвајот да ги прегази петте луѓе на главната шина или да се повлече рачката и да се дозволи трамвајот да го прегази човекот што е на споредната шина. На крајот се поставува прашањето: „Која опција е етички најисправна?“ Од 2001 година, проблемот „Трамвај“ и неговите други верзии се користат во емпириските истражувања на моралната психологија. Овој проблем бил предмет на многу истражувања во текот на кој околу 90 отсто од испитаниците избрале да го пренасочат трамвајот на споредната шина. Во 2014 година, проблемот „Трамвај“ беше критикуван бидејќи сценариото што е претставено и одлуките што треба да се направат се премногу екстремни и неповрзани со реални моралните ситуации, оттука самиот проблем не е корисен ниту поучен.


Швајцарските лажни вили

До 2004 година, камуфлираните бункери беа една од најдобро чуваните воени тајни во Швајцарија и многумина Швајцарци не знаеја дека во нивните села се лоцирани тајни бункери во кои е складирано оружје. Се претпоставува дека има околу 250 бункери, кои поради совршената камуфлажа со децении останале незабележани од обичните луѓе, дури и кога тие биле лоцирани на главните улици на населените места, затоа што личеле на обични вили. Во текот на Втората светска војна кога воздухопловното извидување се развива, швајцарските власти за да го отежнат откривањето на бетонските бункери донеле одлука да се камуфлираат во обични вили. Властите исто така сакале да го зачуваат совршениот идиличен пејзаж за туристите и затоа ангажирале уметници и театарски сценографи, кои требало да ги вклопат бункерите во околината. Вилите бункери требало да го излажат човековото око на минимално растојание од 20 метри.


Најдлабоката јама во светот

Во северозападниот дела на Русија се наоѓа најдлабоката вештачка јама во светот. Нејзината длабочина е 12.262 метри, со дијаметар од 92 сантиметри, односно 21,5 сантиметар на дното. Јамата е ископана за да се истражи Земјината кора, а целиот проект започнал на 25 мај 1970 година – денот кога се прославувала стогодишнината од раѓањето на советскиот водач Владимир Илич Ленин. Во текот на ископувањето, 16 научни лаборатории учествувале во истражувањето, а целиот проект бил надгледуван од советскиот министер за рударство. Во 1979 година бил соборен дотогашниот рекорд, односно била мината границата од 9.585 метри, колку што имала тогашната најдлабока јама во Оклахома, САД. Проектот имал цел да ја достигне длабочината од 15.000 метри, но ископувањето било запрено во 1989 година на длабочина од 12.262 метри. Неколку години подоцна, поради недостиг од финансиски средства, како и поради политичката состојба, целиот проект бил напуштен.


„Синиот јавач“

Во 1903 година во Баварија, познатиот руски уметник Василиј Кандински го насликал уметничкото дело „Синиот јавач“. На оваа уметничка слика е прикажан коњаник со сива наметка како јава бел коњ, а во заднина е претставена шума. „Синиот јавач“ е уметничката транзиција на овој руски уметник од импресионизмот во модерната апстрактна уметност, со што Кандински станал еден од пионерите на овој правец. Таа е едно од неговите последни импресионистички дела, но на него се забележуваат првите знаци на апстрактната уметност. Сината боја имала особено духовно значење за Кандински. Денес „Синиот јавач“ се наоѓа во приватна колекција.