Ако до пред две-три децении единствениот кичевски казанџија Коста Галиман пред најголемиот верски празник Рамазан имаше безброј нарачки на бакарни тепсии за правење питулици, последната деценија оваа традиција како да се промени, па Коста годинава има едвај десетина нарачки.
– Покрај изработката на казани за ракија, во мојот занает важно место имаше и изработката на бакарни тепсии за питулици, што беше најзастапено пред големиот верски празник Рамазан во секоја куќа да се прави од овој традиционален специјалитет ,а тоа беше незамисливо без бакарна тепсија, која ја поседуваше секое домаќинство. Но помладите генерации како да не држат до долгогодишните традиции и сѐ помалку го приготвуваат овој специјалитет. Тоа најочигледно се потврдува низ бројот на нарачки за тепсии, кои се далеку од порано, кога за празникот имав по 100-150 нарачки – вели Коста.
Жител од кичевското село Зајас, кого го затекнавме во казанџискиот дуќан на Коста, вели дека питулиците и денес се присутни на трпезата, но наместо дома да се прави овој традиционален специјалитет, главно се нарачуваат готови.