Преселните птици што прелетуваат преку Македонија често зимата ја минуваа тука, но сега, поради мразот, тие се повлекуваат појужно, на Тиквешко Езеро и околу рибниците во Росоман
Замрзна Моклишко Езеро, во близината на Кавадарци, каде што со години во зимскиот период на починка и прехранување слетуваат водни птици што ја прелетуваат Македонија. Во годините кога зимата беше блага, тие остануваа и презимуваа таму, но годинава, поради ниските температури, површината на езерото е целосно замрзната, како и другите водени површини од повисоките делови, вклучувајќи ги туку и езерото на копот на „Фени“ и малата акумулација на висорамнината Витачево.
Познато е дека на Моклишко Езеро доаѓаа повеќе видови водни птици, од кои најзначајни се лебедите и уште поретките црни лебеди, додека на Тиквешко Езеро се среќаваа речиси сите видови водни преселни птици што прелетуваат преку Македонија. Поради тоа што водните површини на повисоките делови и речиси целото Моклишко Езеро сега се замрзнати, птиците се повлекуваат појужно, и тоа на Тиквешко Езеро и околу рибниците во Росоман.
– Во вакви услови водните птици ги избираат пошироките делови, бидејќи на Тиквешко Езеро нема шамак за да можат оддалеку да ги забележат ловците и непречено да полетаат и да се спасат. За жал, кај нас овие птици, според Законот за ловство, спаѓаат во категоријата прелетен дивеч, кој ние не го одгледуваме и за него има повеќе ловни денови во седмицата. Меѓутоа овој лов треба да се изведува многу претпазливо, затоа што многу често меѓу овие птици може да се сретнат европски и светски ретки видови. Еве неколку примери од наше искуство, сме сретнале црвен ибис, бела мала чапја, чапја лажичарка, гускаста шатка тадорна, мал корморан и други. Освен нив, се среќаваат голем број видови лиски, нуркачи, чапји, шатки, а по полето и два-три вида гуски – вели Томе Лисичанец, претседател на здружението за заштита на животните „Аквила“.
Тој дополни дека на Тиквешко Езеро и околу рибниците кај Росоман се практикува многу масовно ловење, кое пред сѐ ги загрозува лебедите.
Лисичанец самиот бил сведок на буквално масакрирање на шатките на Тиквешко Езеро, кога со глисер ловците полека им се приближуваат на јатата шатки и на одредена оддалеченост со голема брзина на глисерот ги заплашуваат да полетаат и ги стрелаат со автоматски пушки. Тој апелира до несовесните ловци да не ја користат оваа можност, кога птиците се принудени да слетуваат на појужните делови, каде што има поголема фреквенција на луѓе, и птиците да не се ловат.
– Меѓу птиците најчесто има европски и светски ретки птици што се заштитени со закон и претставуваат значајна алка во целокупниот биодиверзитет на планетата Земја – посочи Томе Лисичанец.
Инаку, Моклишко Езеро се наоѓа во месноста Моклиште, три километри јужно од приградската населба Ваташа, во Тиквешијата. Езерото настанало по природен пат, со свлекување огромни количества земја од ридот Градот. Важи за еден од најмладите хидрографски објекти во Европа и е единствен пример за урниско езеро, настанато со уривање на една од долинските страни на Ваташа Река.