Темур Ахмедов се најде во небрано откако беше вовлечен во борбата за парите во разводот на неговите родители вреден 600 милиони долари. Тој се чувствува виновен дека ги разочарал родителите кога загубил над 50 милиони долари додека бил студент, пренесува „Блумберг“.
Во судскиот случај кој се води во Лондон, мајката Татјана го обвинува Темур дека е во сојуз со неговиот татко, Фархад Ахмедов, со кој, наводно, се обидуваат да ја сокријат вредноста на имотот. Темур отворено сведочеше дека не ги крие парите, туку дека го изгубил поголемиот дел со лоши зделки додека студирал.
Неговиот татко бил разочаран од загубите на синот. Фархад заработил голем дел од своето богатство од продажбата на неговиот удел во руски производител на гас, во вредност од 1,4 милијарди долари во ноември 2012 година. Неговиот првичен бизнис за трговија со крзно пропаднал по падот на Советскиот Сојуз.
– За него беше поразително што загубив толку голема сума за толку краток период – вели Темур за разочараноста на неговиот татко.
Тој отворено пред судот сподели дека имал одреден почетен успех и остварил заработка со тргување со акции, но потоа настанала низа од загуби додека студирал на Лондонската школа за економија. Тој, убеден дека оваа загуба е само лоша среќа, се обидел да ги врати парите и така изгубил сè.
Загубата на Темур е клучна за последната правна борба во најголемиот случај за развод во Велика Британија. Мајката на Темур бара исплата од 600 милиони долари, а случајот се води во најмалку шест земји.
Татјана вели дека врската со нејзиниот најстар син сега е многу нарушена и дека нема друг избор освен да го тужи. Судската борба доведе до досега неуспешни правни обиди за заплена на суперјахта од 115 метри во некогашна сопственост на милијардерот Роман Абрамович, која моментно се наоѓа во Дубаи, и колекција на модерна уметност со вредност од над 140 милиони долари, во објект за складирање во Лихтенштајн познат како „Куќа на богатство“.
– Дури и да имам пари или остварен профит од трговските зделки во минатото, тие би биле во Велика Британија и достапни на мојата мајка. Сепак, тие суми сега се далеку од дофат затоа што лошо ги вложив и износите беа изгубени – рече Темур Ахмедов.