НЕВЕРОЈАТНО ОТКРИТИЕ

Кога животното е прогласено за загрозен вид, како што тоа е калифорнискиот кондор, многу е веројатно дека неговиот сексуален живот ќе стане јавна работа. Од 1983 година, кога бројот на живи единки се намали на само 22, биолозите почнаа со големо внимание да ги одгледуваат овие загрозени птици. Тие следеа кој со кого се пари, колку потомци има и кога овие потомци се пуштаат во дивината. Сето тоа е запишано во официјалното педигре на секој калифорниски кондор.

Феноменот е познат како партеногенеза

Сепак, научниците беа изненадени кога пред неколку години при рутинско истражување открија два кондора со неочекувано татковство. Двете птици, регистрирани во педигрето под броевите SB260 и SB517, не биле поврзани со татковците запишани во педигрето. Всушност, тие воопшто немале татковци. Што значи дека 100 проценти од нивната ДНК доаѓа од нивните мајки.
– Добивме необјаснив збир на податоци. Единственото можно објаснување беше зачудувачко: јајце-клетките произведени од двата женски кондора морале сами да се оплодат, без никаква сперма. Феноменот е познат како партеногенеза или девствено раѓање. Двете мајки во овој случај не биле технички девици, бидејќи претходно извеле птици, со мажјакот кај кој биле сместени – рече Оливер Рајдер, генетичар за заштита при Здружението за диви животни во зоолошката градина во Сан Диего.
Партеногенезата е форма на сексуална репродукција во која се развива нова единка од неоплодена гамета (обично јајце).
Во случајот со кондорите, Рајдер и неговите соработници со години користеле ДНК-маркери за да можат да управуваат со програма за размножување. Тоа им помогнало да развијат тест за наследните нарушување на коските, кое е вообичаено кај кондорите. Откако ги ослободиле птиците одгледани во заробеништво, во дивината, тие го проучувале потеклото на нивните потомци. Биолозите собрале примероци од крв, мембрани од лушпи од јајца, пердуви и ткива од повеќе од 900 кондори. Пред неколку години започнале да ги анализираат податоците на ДНК од сите примероци. И тогаш забележале нешто чудно во докажувањето на татковството кај примероците со броевите SB260 и SB517.
Кога научниците сфатиле дека птиците се генетички уникатни, и двата кондора веќе биле мртви, па не можеле да истражат како необичното потекло можело да влијае на нив. Додека птиците биле живи, тие не биле невообичаени на никаков начин, за чуварите во зоолошката градина да помислат дека е неопходно да се направи обдукција врз нив.
– Ова е неверојатно. Воопшто не баравме докази за партеногенеза. Овој случај е уште поневообичаен ако се знае дека ова е првпат некој вид птица да има девствено зачнување кога мажјаците биле достапни за размножување – додаде Рајдер.

Пријавени се случи и кај змии, гуштери, ајкули

Меѓутоа и двете птици имале одредени здравствени проблеми. SB260, мажјак што се извел во сафари-паркот во Сан Диего во 2001 година, починал две години по ослободувањето во дивината. Секогаш бил мал и не се интегрирал добро со дивите птици. SB517, мажјак од зоолошката градина во Лос Анџелес, кој се извел во 2009 година, имал закривен ‘рбет и проблеми со одењето. Никогаш не бил пуштен во дивината и починал на осумгодишна возраст, а познато е дека калифорниските кондори обично живеат со децении.
Никој не може со сигурност да каже дали здравствените проблеми на овие два машки примерока на кондор се предизвикани од партеногенезата. Научниците претходно имаат документирано партеногенеза и кај други птици, како што се мисирките и кокошките. Пријавени се случи и кај змии, гуштери, ајкули, и во заробеништво и во дивина. Многу од овие откритија биле случајни, но ги навеле научниците да се запрашаат дали партеногенезата е толку ретка како што се мислело претходно.
Околу 500 калифорниски кондори живеат во југозападниот дел на САД и Мексико, но и покрај тоа, овој животинскиот вид сè уште се смета за загрозен.