Службата во Вестминстерската опатија по повод Денот на комонвелтот, в понеделник, ја доведува кон крајот прошталната турнеја на Хари и на Меган Маркл, претставувајќи последна јавна кралска обврска пред „мегзит“, пишува „Гардијан“.
Голем број на гости, меѓу кои ќе има политичари и амбасадори од целиот свет ќе бидат присутни при завршувањето на последната обврска на војводата и војвотката од Сасекс, по што двојката веројатно ќе се соочи со неизвесна иднина, според британскиот весник.
Кратката проштална турнеја почна кога Меган допатува од Канада, каде што мометно престојува, за да му се придружи на Хари на завчерашното доделување на признанија на ранетите и болни воени ветерани во Лондон.
Според извор близок до двојката, тие се „позитивни и возбудени“ за нивната иднина, и покрај големото внимание и притисок со кои се соочија по објавувањето на одлуката за повлекување од кралските должности во јануари и за преселбата во Северна Америка.
Се очекува Хари и Меган да се вратат во Канада в понеделник.