Втор краток филм за градот
Вториот краток филм за старо Скопје, „Раѓањето на градот“, чиј носител на проектот е НУФЦ „Вардар филм“, премиерно ќе биде прикажан на 10 август, со почеток во 20 часот, со поддршка на Град Скопје, а реализиран во соработка со Кинотеката на Македонија.
Проектот „Тајните архиви на Скопје – Раѓањето на градот“ е инициран, режиран и координиран од Катерина Габунија, монтажата и изборот на музика се на Мартин Никлески, дигитализацијата и дигиталната обработка на Александар Трајковски, а дизајнер на звукот е Сашко Потер Мицевски. Филмот ќе биде прикажан во рамките на фестивалот на нем и класичен филм, кој првпат ќе биде организиран во соработка со Кинотеката на Македонија и здружението „Кино Балкан“.
– „Раѓањето на Скопје“ претставува колаж од дигитализирани осуммилиметарски филмски ленти, чии протагонисти се граѓаните на Скопје. Нивните приказни креираат емотивна, забавна, но и носталгична филмска сторија за Скопје и скопјани, раскажана низ најважните периоди од животот на еден човек. Младоста полна елан и љубов, периодот на созревање и градење дом и семејство и раѓањето нов живот се клучни елементи на овој видеоколаж – вели авторката на проектот.
Процесот на реализација на овој проект започна со јавен повик до граѓаните за собирање на осуммилиметарски и суперосуммилиметарски ленти, продолжи со дигитализација и дигитална обработка, а потоа се премина кон монтажа на слика и звук. Добиена е поддршка за реализација и на трет дел.
– За таа цел, се обраќаме до граѓаните на Скопје што во своите домови сѐ уште чуваат осуммилиметарски и суперосуммилиметарски филмски ленти да ги донесат своите ленти во просториите на НУФЦ „Вардар филм“ или да ѝ се обратат директно на авторката на проектот, Катерина Габунија – се вели во соопштението.
Граѓаните што ќе учествуваат во проектот со свои ленти, ќе добијат дигитализирани копии и, секако, ќе бидат дел од еден интересен филмски колаж. На овој начин, преку архивирање и дигитализација на стари филмски ленти од домашната архива на скопјани, се открива скриеното богатство за животот во градот, но и се зачувуваат драгоцени документи, кои доколку не бидат дигитализирани, ќе исчезнат или ќе бидат неупотребливи.