Истражувањето на австралискиот институт за медицински истражувања „Бејкер“, со кое биле опфатени околу 6.000 луѓе, покажало дека луѓето што чуваат миленичиња во просек имаат понизок крвен притисок и ниско ниво на холестерол во крвта, така што на тој начин тие се помалку изложени на ризик од срцев удар и други срцеви заболувања.
При изборот на домашно милениче, оние што повеќе претпочитаат мачка отколку куче, сигурно ќе го истакнат предењето на мачките. Вибрациите што се создаваат од мачкиното предење дејствуваат како седатив за нервниот систем кај луѓето и на тој начин смируваат. Исто така, тие можат да ги намалат стресот и напнатоста што редовно ги чувствуваме од стресните обврски во секојдневието.
Меѓутоа, предењето на мачките не е секогаш исто. По многу истражувања, научниците дошле до заклучок дека тоа се разликува кога станува збор за уживање или, пак, предупредување на сопственикот за одредена болест.
Исто така, се смета дека фреквенциите од предењето на мачките се благотворни и за респираторните органи, од кои најмногу корист имаат астматичарите. Постојат случаи за хронично болни астматичари, кои набавиле мачка токму поради оваа болест, и дека оттогаш значително го намалиле количеството лекови. Се разбира, услов е да не сте алергични на влакната од мачка.