На црвениот тепих на Канскиот фестивал денеска ќе прошетаат 82 жени за да го свртат вниманието на ограничениот број режисерки што се наоѓаа во натпреварувачката програма на фестивалот во текот на 71 година од неговото постоење.
Меѓу нив ќе бидат Клаудија Кардинале, Марион Котијар, Салма Хајек, Џејн Фонда, режисерките Пети Џенкинс и Тони Маршал, како и француската режисерка Агнес Варда, добитничка на почесната Златна палма.
Бројот 82 одговара на бројот на филмови што ги режирале жени, а кои биле во конкуренција за Златната палма, во однос на 1.645 филмови режирани од мажи. Новозеланѓанката Џејн Кемпион е единствената жена што ја освои Златната палма(Клавир).
Како уште еден симбол, предвидено е учесничките да застанат на половина пат, молкум, како „симбол за недостапноста на еден цел спектар на општествен и професионален напредок“.
Претседателката на жирито Кејт Бланшет и Агнес Варда ќе прочитаат заедничка изјава.