По трагичниот инцидент во кој славниот актер Алек Болдвин ја усмрти снимателката Халина Хачинс и го рани режисерот Џоел Соуз со пиштол-реквизит за време на снимањето на филмот „’Рѓа“, многумина се прашуваат како е можно филмски реквизит да убие, сметајќи дека тоа е нефункционално оружје или дури играчка.
Но ваквите инциденти на филмските сетови, иако ретки, сепак се случуваат, бидејќи на снимањето честопати се користи вистинско огнено оружје наполнето со празни чаури, односно ќорци-фишеци, кои создаваат пукотница без да биде испален вистински куршум.
Слична беше и несреќата од 1993 година за време на снимањето на филмот „Врана“ (The Crow), во која Брандон Ли, синот на мајсторот по боречки вештини, Брус ли, го загуби животот откако случајно беше застрелан со пиштол. Подоцна беше утврдено дека во употребениот пиштол, претходно имало заглавен фишек, што било причина за несреќата.
Како што објасни инструкторот за огнено оружје Дејв Браун во напис за списанието „Американ синематографер“ во 2019 година, вистинското огнено оружје создава впечаток за автентичност, особено во крупен план. Секој што некогаш држел вистинско оружје во раката, може да потврди дека вистинскиот пиштол изгледа и тежи сосема поинаку од лажниот. Но, како што напиша Браун, употребата на вистинско огнено оружје на филмски или сериски сет бара и обучен професионалец, чија задача е да обезбеди дека оружјето се користи во согласност со строгите безбедносни мерки.
Полицијата од Санта Фе информираше дека Болдвин доброволно дошол и разговарал со детективите и оти засега не е покренато обвинение, а тој по разговорот ја напуштил зградата на полицијата.
Хачинс (42), која била директорка на фотографија на снимањето на филмот, е со украинско потекло и израснала во советска воена база во Арктичкиот појас. Таа студирала новинарство во Киев, а филм во Лос Анџелес. Хачинс во 2019 година беше прогласена за „ѕвезда во подем“ од магазинот „Американ синематографер“. Меѓународното здружение на кинематографери изјави дека смртта на Хачинс е тажна вест и голема загуба.