До пред десетина дена и самата помисла за неодржување на годинашниот „Евросонг“ во Ротердам, Холандија, не можеше ниту да се замисли, но кога се следи мапата за ширењето на коронавирусот во Европа, може да се забележи дека тој доста брзо напредува, а во Италија веќе има региони под карантин. Веќе гласно се поставува и прашањето дали е можно и годинашната „Евровизија“ поради овие причини да биде одложена, па дури и откажана.
Организаторите на годинашниот „Евросонг“ се прашуваат што ќе се случи доколку коронавирусот и пред почетокот на „Евровизија“ стигне до Холандија или дури до самиот град домаќин на престижниот фестивал – Ротердам?
На оваа тема се огласи познатиот холандски виролог Аб Остерхаус.
– Доколку ширењето на коронавирусот до почетокот на мај не може да се контролира, не би било паметно да се донесат толку многу луѓе на едно место. Мораме да размислиме за тоа и да ги ставиме луѓето на прво место, а организаторите на „Евровизија“ и сами се свесни за овој проблем. Можно е вирусот побрзо да се шири во зима, заради природата на заразата, па веројатно во мај состојбата би можело значително да се подобри. Но во моментов состојбата е мошне сериозна, поради што голем број спортски манифестации мораа да се одложат – изјави Аб Остерхаус за холандските медиуми.
Игор Трајковски, претседателот на ОГАЕ-Македонија, кој живее и работи во Холандија, потврди дека она што го изјавил д-р Остерхаус не е исклучено, со оглед на тоа дека во светот веќе се одложени многу настани од истите причини.
– И во Холандија, како и насекаде низ светот, ќе се следи како ќе се развива вирусот наредниве месеци, a доколку се донесе одлука за неодржување на „Евровизија“, тоа ќе биде во термин поблиску до настанот, а не сега. Инаку, подготовките за фестивалот се одвиваат без проблем. Логистички се работи интензивно во заднина, влезниците се во продажба, логото го средија, сега работат на сцената. Со еден збор, сите се максимално организирани и ветуваат дека сѐ ќе биде завршено навреме. Но морам да напоменам дека Холандија е многу скапа земја, а пакет влезници за „Евросонг“ чини 800 евра. Инаку, досега тука не се зборуваше многу за „Евровизија“, можеби затоа што до нејзиното одржување, ако сѐ биде во ред, има уште два и пол месеци – ни рече Трајковски.
Патем, слоганот на годинашниот „Евросонг“ е „Отвори се“, што во сегашните услови звучи малку парадоксално.