Со концерт во Античкиот театар во Охрид, кој ќе се одржи на 2 август, Јаневски одбележува 25 години музичка кариера. Познатиот кантавтор вели дека на овој настап чека цели 13 години
Владо Јаневски, пејач, текстописец, композитор
„Главен град на тагата“ е насловена најновата песна на Владо Јаневски, за која тој ги напиша музиката и текстот, за аранжманот се погрижи Роберт Билбилов, а продукцијата е на Дарко Димитров. Овој потенцијален летен хит има и своја видеоприказна, која ја режира Бане Поповиќ, чија продукција „Томато“ застана зад неговата реализација. Видеоприказната, каде што и овој пат не се појавува Владо, е снимена во текот на минатиот месец на неколку локации во Скопје, во неа се појавуваат неколку убави млади девојки, а специјална гостинка е Дунавка Трифуновска.
Во годината во која прославува 25 години музичка кариера, познатиот македонски пејач на 2 август ќе одржи голем солистички концерт во Античкиот театар во Охрид, во организација на „Авалон продукција“, на кој, како што вели, чекал цели 13 години.
Долго време не сакавте да соработувате со новинарите, зошто?
– Драго ми е што на промоцијата има луѓе што ме следат од почетокот на мојата кариера, иако повеќе години ми беа лути, бидејќи не сакав да соработувам со медиумите. Едноставно немав што да кажам. Не сакам празни муабети, кога зборувам сакам да кажам нешто конкретно, нови информации, датуми, најави за концерти, како сега, кога имам причина да бидам активен на професионален план. Зад мене се плејада луѓе што не издржале, се откажале, но јас сум професионалец и морам да го оправдам мојот статус со убави песни и добри концерти, зашто мојот опис на работно место е да го расположам нашиот македонски народ со нова песна, спот, концерт…
Беше најавен ваш концерт на 1 јуни на стадионот на АРМ, во Градскиот парк во Скопје, но не се одржа, а како причина беше наведена вашата здравствена состојба. Дали навистина беше така?
– Во тој период, околу 1 јуни, кога требаше да се одржи скопскиот концерт на стадионот на АРМ, имав некои проблеми со грлото, но и временските услови беа многу лоши, па одлучивме концертот да се одложи за наесен, во октомври или ноември, најверојатно во арената „Борис Трајковски“.
Зошто вашата нова песна е насловена „Град на тагата“, особено поради тоа што се промовира среде лето, кога сите сме порасположени, понасмеани?
– Еднаш мојата колешка Каролина Гочева ми рече: „Владо сум забележала дека и твоите брзи песни се тажни“. И мислам дека е во право. Но во овој случај само во насловот го има зборот тага, го искористив за да кажам колкава е таа симболика кога двајца вљубени се разделени, макар и на два дена. Кога нема потажни од нив во целиот град. Но, и покрај насловот „Град на тагата“, песната во себе носи убави и позитивни емоции. Тоа е една урбана приказна, спакувана во ведар спот, со млади девојки, а се појавува и Дунавка Трифуновска, која го разубави спотот со својата елеганција, додека мојот школски другар Бане Поповиќ сето тоа го спакува во една убава видеоприказна. Ни песната ни спотот не претендираат да соопштуваат некои големи животни вистини. Сакам кога моите обожаватели ќе ја слушнат песната и ќе го видат спотот на ТВ-екраните да кажат „еве го новиот спот на Владо Јаневски, а ’стариот’ повторно го нема во него и добро е што е така“.
Познат сте по вашите љубовни песни, кои се многу блиски до луѓето и тие лесно се пронаоѓаат во нив. Дали е тоа формулата со која допирате до срцата на обожавателите, кои веќе 25 години ги сакаат и живеат со вашите песни?
– Емоцијата е мојот репроматеријал, ја моделирам како глина, ја рециклирам, создавам. Ако се погоди универзалноста на текстот, ако луѓето се препознаваат во него, тогаш значи дека сум го пронашол вистинскиот пат до нив.
Сте размислувале ли вашите песни, вашите испеани стихови, да ги соберете во една книга?
– Имаше идеја пред 15 години да го направам тоа, но мојата инертност можеби е причина поради која не се случи тоа. Ете, јас им се давам на луѓето низ моите песни, по малку, во мали дози, со секој нов стих. А првичната идеја беше преку книгата да им се истурам целосно, низ песни, но и низ прозни текстови.
Можеби прозата сега ви е поголем предизвик од поезијата?
– Веќе пишувам за своја душа прозни текстови, есеи, размислувања… и сѐ ставам во една тетратка, но не знам дали е време за јавно публикување на сето тоа.
Што можеме да очекуваме на вашиот јубилеен концерт во Античкиот театар во Охрид, на 2 август? Ќе имате ли можеби некои специјални гости?
– Толку сум вљубен во себе што кога ќе се качам на сцената не му го давам микрофонот на никој друг и никогаш немам гости на моите концерти, ха-ха. Гости викаат луѓе што не знаат како да го пополнат времето. Јас имам проблем кои песни да ги одберам за концертот, бидејќи ги имам многу.
Но тоа нема да биде ваш најголем концерт, бидејќи веќе настапивте во „Борис Трајковски“, пред осумилјадна публика, зарем не?
– Точно, но може да биде најмагичен концерт и да уживаат сите две-три илјади присутни во Античкиот театар во Охрид, на 2 август. На овој концерт јас чекам веќе цели 13 години.
Која песна е ваша најавтобиографска песна, ваша лична карта, дали е тоа „Црно тиквешко“?
– Најмногу ме има во „Евергрин“, во тие скопски приказни и места, каде што низ песната ме води чекор низ познат декор. Тоа е мојата тајна географија, најавтобиогарфската песна. Кога пеам „седевме овде, се бакнувавме таму, тука цртавме графити на кејот…“, тоа е моја лична прошетка низ Скопје.
Подготвувате ли нов албум за јубилејот или некое издание „најдоброто од Владо Јаневски“?
– Албуми веќе не се снимаат, не се исплатува, но по две-три песни годишно, со спотови е добра формула. Без помош на спонзорите не знам баш дали ќе можам толку комотно да работам и да создавам нови песни и затоа многу сум им благодарен.