Неверојатна приказна за жената што ја уништи нацистичката мрежа, а никој не ја спомна до 2008 година
Иако според многу аналитичари се смета за американски пандан на Алан Туринг, таа за многу Американци остана непозната со децении. Вооружена со остар ум и челични нерви, Елизабет Смит Фридман (1892 – 1980) разби стотици кодови за време на својата кариера како прв американски криптоаналитичар. Таа успешно откри шверцери на алкохол за време на прохибицијата и го разби нацистичкиот шпионски прстен низ Јужна Америка во текот на 40-тите години на минатиот век. Но сè до 2008 година, кога тајната беше тргната од документите за нејзините активности за време на Втората светска војна, повеќето Американци никогаш немаа слушнато за Елизабет Фридман. Иако многу аналитичари сметаат дека е американски пандан на Алан Туринг, генијалниот британски математичар што дешифрира голем број германски шифрирани системи, од кои најпознат беше „Енигма“, таа остана непозната со децении, бидејќи целиот нејзин кредит го присвојуваше Ј. Едгар Хувер, долгогодишен директор на ФБИ. Американскиот јавен радиодифузен сервис (ПБС) неодамна го прикажа документарниот филм „Д коудбрејкер“, посветен на Елизабет Фридман, кој се базира на бестселерот „Жената што ги скрши кодовите“ на новинарот Џејсон Фагоне.
Која е Елизабет Фридман?
Родена е како Елизабет Смит во малиот град Хантингтон, Индијана, во квакерско семејство. Од рана возраст таа покажала голем талент за јазици и читала многу, а во 1914 година дипломирала англиска литература на колеџот „Хилсдејл“ во Мичиген. Елизабет одела во библиотеката во Чикаго во 1916 година за да го разгледа одблизу „Првото фолио“, колекција од 1.623 дела на Вилијам Шекспир. Во разговор со библиотекарот, таа спомнала дека бара работа, по можност поврзана со литература или со истражување. Не поминал ни еден час, а во библиотеката пристигнал ексцентричниот милијардер Џорџ Фабјан, кој бел опседнат со откривање на тајните на природата.
Елизабет со ексцентричниот богат човек
Опсесијата на Фабјан била криптографија и тој верувал дека Шекспир не е автор на познатите претстави како „Хамлет“ или „Јулиј Цезар“, туку му ги припишува на филозофот Френсис Бејкон. Тој бил убеден дека Френсис Бејкон оставил скриени пораки за своето авторство во драмите на Шекспир од 1623 година и барал личност да ги декодира тајните пораки. Кога слушнал за младата Елизабет, тој веднаш ја вработил во Ривербанк како криптографка. Иако сметала дека теоријата на Фабијан е глупост, Елизабет ги проучувала делата на Шекспир и барала скриена порака. Подоцна Фабјан во Ривербанк ќе ангажира и еден млад генетичар, исто така квакер, Вилијам Фридман, во кого таа ќе се вљуби.
– Иако Елизабет никогаш не била обучена за таа работа, била многу вешта во пресретнување на радиопораките и нивно декодирање – изјави историчарката Ејми Батлер Гринфилд за „Тајм“.
Како Елизабет ловела шверцери на алкохол?
Елизабет и Вилијам се венчале во 1917 година и неколку години подоцна добиле ќерка, а потоа и син. Откако го напуштиле Ривербанк, во 1921 година, Фридманови се преселиле во Вашингтон, каде што биле ангажирани од Министерството за финансии на САД да се борат против шверцерите на алкохол за време на забраната во Америка, која траела од 1920 до 1933 година. Шверцерите користеле бродови што крајбрежната стража не можела да ги запре, бидејќи биле вешти во користењето шифрирани радиопораки. Помеѓу 1926 и 1930 година, Елизабет дешифрирала по 20.000 шверцерски пораки годишно во стотици различни системи за кодирање. Сето тоа го правела рачно, користејќи само хартија и молив. Тоа било пред компјутерската ера, така што нејзината работа може да се смета за херојски подвиг.
Што сторила во Втората светска војна?
Откако Хитлер ја нападнал Полска, во 1939 година, и така ја започнал Втората светска војна, тим на пресретнувачи на кодови, основан од Елизабет како дел од крајбрежната стража, започнал да пресретнува пораки слични на оние што ги користеле шверцерите на алкохол. Сепак, ова биле пораки испратени од нацистички шпиони. Овие шпиони биле расфрлани низ Јужна Америка, која тогаш била неутрален континент, и низ Америка и Мексико. Елизабет за време на Втората светска војна дешифрирала повеќе од 4.000 нацистички пораки. Секако, нејзината најголема заслуга е распадот на нацистичката шпионска мрежа што испраќала криптирани извештаи од Јужна Америка до Берлин.
Зошто Елизабет Фридман падна во заборав?
– ФБИ беше одговорен за заробување нацистички шпиони во Јужна Америка, па Елизабет испраќаше пораки и материјали до своите вработени, со чија помош тие самите можеа да ги дешифрираат пораките. Без Елизабет и нејзиниот тим, ФБИ ќе беше изгубен. Но откако нацистичките шпионски мрежи беа уништени кон крајот на 1944 година, Ј.Едгар Хувер почна јавна кампања за да добие заслуги за победата во таа невидлива војна, тврдејќи дека ФБИ е единствениот што е заслужен. Дури и денес, заслугата на Елизабет, историчарите погрешно им ја припишуваат на Хувер и ФБИ. Американците не знаат дека Елизабет Фридман, мајка на две деца, беше најголемиот ловец на шпиони во Америка за време на Втората светска војна – вели Џејсон Фагоне.
За време на Втората светска војна, сопругот на Елизабет, Вилијам Фридман, се истакнал со важни достигнувања, како што е кршење на јапонскиот систем за криптирање „прпл“. Сепак, за разлика од неговата сопруга, достигнувањата на Фридман беа добро препознаени, па во 1952 година тој стана водечки криптолог на новоформираната Агенција за национална безбедност (НСА). Елизабет остана во сенка на својот сопруг, а заслуженото признание го доби постхумно. Така, во 2019 година, Сенатот на САД донесе резолуција во нејзина чест, а во јули 2020 година крајбрежната стража на САД објави дека ќе именува еден брод по неа.