„Елегија“ е насловен првиот заеднички албум на саксофонистот Горан Папаз и на гитаристот Танче Гроздановски. Носачот на звук содржи 8 композиции, од кои четири се авторски песни, каде што авторите и изведувачите ја докажуваат својата музичка оригиналност и четири се преработки на традиционални македонски песни со оригинален аранжман. Со тоа, како што велат Горан и Танче, тие ќе дадат свој придонес за зачувување и негување на македонскиот фолклор за сегашните и за идните генерации.
– Самиот наслов „Елегија“ зборува за стилот на композициите. Инаку, албумот се работеше во студиото „Гроздановски“, јас свирев на саксофон, се разбира за гитарата беше задолжен Танче Гроздановски, а зад пијаното беше Иван Еминовиќ. Насловите на композициите се: „Memories“, „Ој Јано, Јано“, „Што да правам што да чинам“, „Нели бевме“, „Friends“, „Калеш бре Анѓо“, „Елено, ќерко Елено“и „Пушти ме“. Гостинка на песната „Нели бевме“, во која се рецитира песната на македонскиот великан на пишаниот збор Кочо Рацин, е Марија Димитрова, која се потпишува и како копродуцентка на овој албум.Фотографиите и дизајнот на обвивката на албумот ги изработи фотографот Никола Николов – вели Горан Папаз.
Тој дополни дека со Танче веќе работат на следниот проект. Извршен продуцент на албумот е Давор Палиќ. „Елегија“ дигитално ќе биде дистрибуиран од хрватската музичка продукција „Менарт“.