Маестро Тони Китановски на завршницата одржа концерт со кој беа спуштени завесите на фестивалот. Патем тој беше најпосетен и најпривлечен од сите 12 годинашни концерти за македонската публика, затоа што ретко на оваа интернационална и космополитска манифестација во официјална програма влегува наш уметник, рамо до рамо со светски музичари и легенди
Валентина Ѓоргиевска
Четири вечери, од 18 до 21 октомври, Скопје беше исполнето со звуците на „Скопскиот џез-фестивал“. Со концерт на иновативниот британски пијанист Александер Хокинс почна 37-то издание на овој фестивал во Македонската опера и балет, а по него на сцената на МОБ се свиреше необична мешавина од џез и хип-хоп, со квартетот на саксофонистот Дејвид Мареј, придружуван од култниот американски поет, рапер и раскажувач Сол Вилијамс.
Првиот полноќен концерт, во МКЦ, го изведоа американскиот гитарист и пејач Арто Линдзи и норвешкиот тапанар Пал Нилсон-Лав, во тандем.
Втората вечер им припадна на одличниот канадски трубач Вадада Лео Смит и Хариет Тубман во МОБ, а по полноќ во МКЦ на Турстон Мур. Еден од најзначајните џез-уметници на денешницата, прогласен за трубач на годината со албум на годината, Вадада Лео Смит, ни изјави дека мошне му се допаднал престојот во Скопје, особено храната, и дека пак ќе се врати. Тој порача дека најважно е да се унапредуваат човековите права, кои и тоа како се битни за човештвото. А пак колективот „Хариет Тубман“ таа вечер се претстави со музика како микс на соул, рок, џез и блуз, музика што повикува на слобода, соодветно на името на составот, именуван според афроамериканската робинка што се борела против ропството. „Гитаристот со громовите“, би рекле за Турстон Мур (некогашен лидер на култните „Соник јут“), втората вечер во МКЦ одржа возбудлив екстремен експериментален перформанс со својата гитара на кој вредеше да се биде и да се прераскажува. Њујорчанецот од светски глас настапи со импровизации врз гитарата, која даваше звук на громови, час на воз што пристигнува на шините, час на цвркотење на птици, музика што во исто време иритира, заробува, но и катарзично ослободува.
Третата вечер, во МОБ настапи талентираната данска саксофонистка Мете Расмусен, во чиј настап, по нејзина покана влета и легендарниот Турстон Мур, но овој пат „потстишан“, за разлика од претходната вечер. Следно на сцената беше аудиовизуелниот вокален перформанс на норвежанките „Трондем војсес“, кој беше во вид на интеракција на пејачките со публиката, амбиентот и новата технологија, но тоа на некои посетители им прозвучи прилично мрачно. Концертот го затвори настапот на Сузана Сантос Силва, Аб Баарс и Хамид Дрејк, со современ џез и импровизации. Во денсинг-салата на МКЦ по полноќ сцената им беше препуштена на данците „Моро“. Со Тони почна, со Тони заврши „Скопскиот џез-фестивал“. Имено, маестро Тони Китановски на завршницата одржа концерт во МОБ со кој беа спуштени завесите на фестивалот. Патем тој беше најпосетен и најпривлечен од сите 12 годинашни концерти за македонската публика, затоа што ретко на оваа интернационална и космополитска манифестација во официјална програма влегува македонски уметник, рамо до рамо со светски музичари и легенди, и затоа што станува збор за еден од најврвните македонски интернационални музичари, ценет во земјава и многу пошироко. Тој настапи со својот квинтет, а потоа со пријателите – Џон Сас, Дејв Вилсон, Асан Рашид, Васил Хаџиманов и Пиеро Епифанија Осамбела.
Дополнителен предизвик за публика беше што концертот беше во знак на неговите 30 години занимавање со музика.