Пејачка, текстописец и актерка од Франција, најславна и култна изведувачка на шансони, вистинска културна и национална икона на Франција, најголема пејачка на шансони за сите времиња, инспирација на многу композитори и режисери, но и ментор на голем број млади уметници. Да, тоа е Едит Пјаф – девојчето врапче, малото врапче со неверојатен сонорен и јак глас, вистински полнокрвен глас што воодушевува, и како што велат музичките критичари, го дофаќал врвот на Ајфеловата кула. Родена е како Едит Џована Гасион, во 1915 г. во Париз, како ќерка на Луј Алфонс Гасион, циркуски акробат и на Анета Мајард, пејачка. Името го добила по болничарката Едит Кавел од Велика Британија, која во Првата светска војна им помагала на француските војници заробени од Германците. Уште како бебе нејзината мајка ја дала на чување кај баба ѝ, алкохоличарка што не водела доволна грижа за малата Едит. Подоцна, кога татко ѝ се вратил од фронтот ја дал на чување кај нејзината тетка, Зефера, сопственичка на јавна куќа, во Берне, Нормандија. Таму вистинската грижа за неа ја воделе проститутките, кои многу ја засакале. На седум години го изгубила видот, и се прераскажува легенда дека девојките на ноќта се молеле на гробот на света Тереза за нејзиното здравје и по извесно време таа повторно прогледала. Оттогаш, па до крајот на нејзиниот живот, Едит покажувала посебна почит кон света Тереза и носела медалјон со нејзиниот лик околу вратот. Кога потпораснала, кратко време живеела со татко ѝ во циркусот и воделе живот на циркуски изведувачи и улични забавувачи. На 14-годишна возраст го напушта циркусот, и заедно со својата полусестра Симон Берто пееле по улиците, најчесто во Пигал и заработувале за живот. Го запознала извесниот Луј Дупон, од кого на неполни 17 години забременила и ја родила вонбрачната ќерка Марсел, која по две години се разболела од менингитис и починала. Тогаш првпат се оддава на алкохол и опијати за да ја намали болката и да ја игнорира тагата.
Во 1935 г. го запознава Луј Лепле, сопственик на кабарето „Ле Жернис“, кој ѝ го дава уметничкото име „La máme Piaf“, што на париски сленг е врапче, во случајот девојчето Пјаф/малото врапче. Луј Лепле наскоро го убива мафијата, Пјаф е поврзувана со него и добива лош имиџ во јавноста. Во 1936 г. ја снима нејзината прва плоча, што е почеток на успешната кариера што ќе следува. Нејзината следна љубов и импресарио од неа ќе направи вистинска голема ѕвезда. Неговото име е Рајмон Асо. Ќе ја научи на добри манири, правилно читање, убаво облекување и однесување на сцената. Тоа ќе ѝ помогне да стане уште повпечатлива и подоминантна во своите настапи, што значи дека вратата на успехот конечно ќе ѝ биде ширум отворено. Рајмон Асо и Маргарит Моно, композиторска и пијанистка, подоцна и нејзина голема и искрена пријателка, за Едит Пјаф ќе напишат голем број шансони, кои стануваат класика на француската забавна музика. Заедно со Ив Монтан учествува и во театарската претстава во Мулен Руж. Во 1940 г. самата себе се игра во претставата „Рамнодушна девојка“, чиј автор е Жак Кокто. Игра и во филмот „Монмартр на Сена“ во режија на Жорж Лакомбо. Во сите нив е успешна и станува славна. За време на војната го поддржува отпорот (ја пее песната „Tu es partout“) и спасува Евреи и уметници од нацистите и француската жандармерија. При крајот на војната првин починува татко ѝ, а потоа и мајка ѝ. Тогаш ја пишува песната „La Vie en rose“, која станува нејзина најпопуларна песна со која доживува планетарна слава. Славата пристигнала, но не и среќата. Таа и понатаму ги менува партнерите, само што сега, наместо со морнари, војници и подведувачи, таа е со новинари, актери и менаџери. Оди на турнеја по САД (1947 г.), најпрвин без некој посебен успех, но кога од „Њујорк хералд трибјун“ ќе добие добра критика за нејзините шансони и емотивните и страсни настапи, конечно доживува успех и преку барата, каде што пее пред преполни сали (1948 г.). Во САД го запознава францускиот боксер, светски првак, Марсел Сердан, во кој се вљубува и станува љубов на нејзиниот живот. Марсел иако е оженет и има три деца тој е постојано со неа, до крајот на неговиот живот кога загинува во авионска несреќа летајќи од Париз за Њујорк, по барање од Пјаф, која сакајќи што поскоро да е со него му рекла да не оди со брод за Њујорк, туку со авион. Скршена од тага, но и мачена од чувството на вина се оддава на алкохол и опијати, но и неуморно твори и ги пишува и со успех изведува шансоните „Mon Dieu“ и „Hymne á L’amour“, кои ги посветува на саканиот и непрежален Марсел Сардан.
Во 1951 г. Шарл Азнавур ќе стане нејзин најдобар пријател и соработник и за неа ќе ги напише познатите песни „Jezabe“ и „Plus Bleu que Tes Yeux“. Во 1952 г. се мажи со пејачот Жак Пиле, а на венчавката кума им е легендарната Марлен Дитрих. Се разведуваат 1956 г., а таа продолжува понатаму, го снима големиот хит „Non je ne regrette rien“ (1960 г.) и ги прави најдобрите и неповторливи концерти во „Олимпија“ во Париз (1961 г.). На тие концерти, но и низ целата своја кариера таа покажа дека во гласот го носеше сензибилитетот на француската генијалност, ја искажуваше поезијата на Пигал, симфонијата на улицата, прелудиумите на бедата и фугите на сиромаштијата. Покажуваше дека за неа пеењето беше начин да побегне од суровата реалност, од понижувањата и сиромаштијата. Но секогаш со тагата и бедата таа носеше и надеж и копнеж за подостоинствен живот. Од сѐ најмногу ѝ недостигаше љубовта. Гордо изјавуваше дека да сакаш е единствениот глагол што знаела да го менува во сите времиња. Беше несреќна во љубовта, ама сите ја почитуваа, бидејќи ги живееше и пееше страданијата на сите луѓе во светот. И денес, повеќе од очигледно е дека на сцената таа не беше само малото врапче. Со музиката играше лесно како лебед, брзо го менуваше тоналитетот како славеј, а кога се вљубуваше, умееше да трепери како гулабица со крилјата. Почина во 1963 г. од рак на црниот дроб, а беше погребена во Париз. Тоа беше денот кога поворка од десетици илјади нејзини почитувачи низ улиците на Париз ја испратија до нејзиниот вечен дом во гробиштата Пјер Лашез, а според зборовите на Шарл Азнавур, сообраќајот бил целосно сопрен првпат по Втората светска војна.
(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)