Организаторите на фестивалот „Егзит“, на официјалната страница на Фејсбук, објавија дека, сепак, нема да има свирки во август на Петроварадинската тврдина во Нови Сад.
– Бидејќи по нашето последно обраќање до јавноста здравствената состојба во Србија, за жал, не се подобри, а имајќи предвид дека здравјето и сигурноста на сите учесници на фестивалот ни се на прво место, ве известуваме дека одбележувањето на 20-годишнината на „Егзит“ дефинитивно нема да се одржи од 13 до 16 август – стои во соопштението.
Наскоро организаторите на фестивалот би требало да ги објават новите датуми.
– Новото поместување на датумот на фестивалот е обемен и сеопфатен процес, кој бара време, па ве молиме за трпение. До крајот на месецот ќе ги објавиме термините за „Егзит 2021“, а наскоро ќе стигне и веста во врска со пријавите и опциите за рефундација на парите за влезниците – велат организаторите.
Обожавателите на „Егзит“ се интересираа дали доколку купиле карта за годинава, таа ќе им важи и за следната, на што добија потврден одговор и најава за повеќе детали наскоро.